Не се секирајте, наскоро ќе процветаме. По три години работа, на повидок е нов Кривичен законик, со кој комплетно ќе се ревидира досегашното кривично законодавство. Сите недоречености и дупки во законот сега ќе биле покриени со соодветни решенија. Никој не ќе можел да избега од раката на правдата. Да виду, да не верују, би рекле кумановци.
Од каде доаѓа овој нов приспивен рефрен, за гладните за правда? Тоа го ветуваат дел исти луѓе, кои и во изминатите три децении учествуваа во сите (најмалку 36) измени на Кривичниот законик. Сигурно ќе се прашате – па зошто во некој од тие обиди претходно не бил темелно ревидиран?
Веројатно од истите причини поради кои и „новиот“ бргу ќе се покаже како зрел за прв ремонт: постојано се инсталираат дупки во закон, за на криминалот да му се обезбеди заклон. Затоа и со години не можеме да добиеме владеење на правото, туку само право на владеење, независно во какви незаконитости е потонато.
Затоа и се сомневам дека одеднаш ќе се случи чудо што ќе стави ред во нашиот хаос. Ние живееме во шума од прописи. Проблемот, практично, и никогаш не бил во законите, туку во нивната (не)примена, во селективноста, во неказнивоста и во менталитетот што ја потхранува таа неказнивост.
Ќе ја земам како пример изјавата на министерот за здравство, Беким Сали. Тој вчера јавно им „изрази благодарност“ на двајца директори на клиники, затоа што се согласиле да се повлечат од функцијата, и тоа откако контролата од Фондот за здравство им утврди неправилности во работењето.
Тоа се моменти кога не ви се верува што слушате. Десетпати ја вратив снимката од изјавата за да се уверам дали навистина им се заблагодарува. Претпоставувам дека претходно во четири очи им се извинил што мора да им побара оставка.
Проблемот, практично, и никогаш не бил во законите, туку во нивната (не)примена, во селективноста, во неказнивоста и во менталитетот што ја потхранува таа неказнивост
И потоа се чудиме што во таква атмосфера на сеопшт мајтап со одговорноста, на нашево обвинителство му се случи Ислам Абази.
Дали се сеќавате како се избираа претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата? По објавениот јавен оглас, интервјуто со кандидатите се пренесуваше јавно на Собранискиот канал. Беше спроведено од собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, а во интервјуто учествуваа и претставници на граѓански организации со петгодишно искуство во областите владеење на право, добро управување и спречување на корупцијата, како и претставници од новинарски здруженија. Сите имаа право да им поставуваат прашања на кандидатите, ги тресеа „уздолж и попреку“, и дури потоа утврдија единствена предлог-листа.
Ако за ДКСК беше спроведена таква транспарентна процедура, зошто изборот на шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се сведе на процедура како за избор на претседател на Куќен совет? А ОЈО ГОКК треба да се справува со криминал од највисок профил.
Па, дури и оние Јеховини сведоци што одат од врата до врата оставаат повеќе „материјал“, отколку што избраниот им даде на обвинителите – ни програма, ни биографија. По изборот, барем стана појасно зошто само избраниот претходно не се појавил на ниту едно медиумско соочување со противкандидатите – зошто да губи време со „губитници“?
И при ваков епилог, какво е фајдето од тоа што наскоро ќе имаме нов Кривичен законик, кога е извесно дека неговото дејство нема да го почувствуваат многу од оние што се под чадорот на власта и центрите на моќ, ако филтерот на едно важно обвинителство го контролира „наше дете“ врз кое виси eтикетата „проверено, од Зајас“.
Па, дури и оние Јеховини сведоци што одат од врата до врата оставаат повеќе „материјал“, отколку што избраниот им даде на обвинителите – ни програма, ни биографија
Во меѓувреме ни останува да се тешиме што има институции каде орото за избор го воделе некои други, според знаењето, способностите и вештините. Така, некои „незгодни“ Данци, некојси Педерсен, Расмусен, Андерсен, Јенсен или Соренсен, кои немаат поим какви се нашите обичаи за местење конкурси, си направиле селекција за обука на кандидати за контролори на летање, а меѓу нив не влегло ни едно „наше дете“ – ни партиско, ни родени деца на директори од М-НАВ.
Алелуја! Предлагам Данците да добијат улица во Скопје. Конечно некој да ги приземји семоќните директори што летаат со умот на крилата на партиските книшки, надвор од радарот на правдата, а на потенцијална штета на нашата безбедност.
Штета е што ваков потег никогаш не го направија нашите домашни „селектори“. Пардон, имало и еден таков случај, што го посочи министерот Спасовски, објаснувајќи зошто немало Албанец во специјалната единица „Тигри“. Имено, еден кандидат Албанец ги поминал сите тестови, ама на крајот отпаднал од селекција бидејќи не знаел да плива. Во вода.
За разлика од него, кандидатите што одлично „пливаат“ на суво, ги има и повеќе од потребното.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија