Украина, далечна, а толку блиска

Неодамна, преку социјалните мрежи, професорот Ѓорѓи Спасов ја сподели следната анегдота, за која тврди дека е „жива вистина“:

Во 1968 година, кога армијата на Советскиот Сојуз влезе во Чехословачка, основната организација на Сојузот на комунистите во село Подмочани одржала состанок со следниот дневен ред:

  1. Разгледување на меѓународната ситуација создадена со упадот на армијата на Советскиот Сојуз во Чехословачка.
  2. Разно.

Во записникот од тој состанок доставен до ЦК на СКЈ стои:

По првата точка од дневниот ред, Основна организација на СК ги донесе следниве заклучоци:

  1. ОО на Сојузот на комунистите од село Подмочани бара Армијата на Советскиот Сојуз во рок од 7 дена да се повлече од Чехословачка.
  2. Ако армијата на Советскиот Сојуз во рок од 7 дена не се повлече од Чехословачка, Основната организација на Сојузот на комунистите од село Подмочани ќе одржи нов состанок и ќе донесе нови заклучоци.

Анегдотата, без оглед колку и да изгледа наивно и смешно, па дури и трогателно, има сопствен контекст и сопствено значење. Таа секако го покажува сфаќањето на тогашниот политички врв за сложеноста на меѓународната ситуација и нејзините можни реперкусии врз безбедноста на тогашната ни татковина. Натаму, оваа загриженост се дистрибуира до најниските ешалони на власта, кои треба да ги запознаат и сензибилизираат со неа „широките народни маси“.

Но, претпоставувам дека професорот Спасов со оваа анегдота немаше намера да ги илустрира принципите на владеењето на таканаречениот „демократски централизам“, туку да ја стави во контекст на македонските „скитања“ во однос на актуелната криза меѓу НАТО и Русија околу Украина, а која, патем речено, неодоливо потсетува токму на тогашната криза околу Чехословачка.

Како што сега стојат работите, Македонија не е ни приближно толку единствена по ова прашање, како што своевремено била ООСК на Подмочани. Во релативно скромната дебата за најгорливото меѓународно безбедносно прашање, мислењата се поделени од она дека Македонија треба да стои настрана и да не се меша онаму каде што големите си ги „мерат должините“, преку тезата дека треба да биде солидарна со сојузниците од НАТО, па сѐ до тоа дека Русија има „природно право“ да ги штити своите интереси.

Но, што знаеме ние за Украина? Знаеме дека е голема, далечна и непозната земја, дека сме им редовни „пациенти“ во фудбал и дека на Евровизија знаат да учествуваат со симпатични песни. И плус уште по нешто што ќе научиме во меѓувреме на Википедија. Но, Украина, поточно нејзината блиска иднина, е многу поблиску до нас, отколку што тоа тука се перцепира или сфаќа.

Како што сега стојат работите, Македонија не е ни приближно толку единствена по ова прашање, како што своевремено била ООСК на Подмочани

Украина е навистина голема земја, барем според бројот на жителите – ги има околу 44 милиони. Но, што би рекол убиениот српски премиер Зоран Џинџиќ, една држава во меѓународната политика не станува голема според бројот на жителите и/или големината на територијата, туку според начинот на кој се поставува во градењето на односите со најмоќните.

Проблемот, меѓутоа, е во тоа што неприкосновеното право на Украина да ги избира сопствените сојузници и сигурносните блокови во кои ќе се зачлени, воопшто не ги интересира нивните први соседи, значи Русите, додека оние врз кои Украина се потпира, значи Американците, се единствено заинтересирани да го донесат НАТО до руските граници, каде и да се наоѓаат тие.

На Москва секако не ѝ одговара војна. Сѐ и да ја добие, одржувањето огромна територија и голем број луѓе под окупација станува невозможна мисија. Чини премногу, а не гарантира никаков успех. Исто така, на Путин не му одговара ниту она што американскиот претседател Џо Бајден го нарекува „ограничен продор“. На НАТО, имено, му е сосема сеедно каде ќе се движи границата меѓу Украина и Русија, сѐ додека тој ја контролира таа граница. Тоа што мнозинството Украинци би сакале да ја видат својата земја во НАТО, и тоа во границите пред анексијата на Крим и „побуната“ на областите со (про)руско мнозинско население, во оваа фаза од судирот не е од пресудно значење за двете империи што се во конфликт.

Најкусо речено, влезот на Украина во НАТО за Русија значи претпоследен чекор од целосно непријателско опкружување. Имено, на линијата на раздвојување меѓу Русија и Европа се Финска и Шведска, кои можат да влезат во НАТО кога ќе им се посака, како и членките на овој сојуз Литванија, Естонија и Летонија. Без Украина, под контрола на Москва останува само Белорусија, чиј режим се одржува на сила. Со Кина на југ, како уште една империја во новиот поредок, Русите можат да сметаат само на главно бесполезните бивши републики на Советскиот Сојуз.

Значи, на Кремљ му е потребна Украина, која, мирно и достоинствено, меѓу своите и интересите на Путин, непогрешливо ќе ги избира овие вториве, додека на НАТО Украина му е потребна како – караула. За геостратешките интереси на западните сојузници Украина го претставува она што во теоријата се нарекува „мек стомак“ на Русија.

Русија нема некои колосални економски интереси на Балканот, ама геополитички има, и тоа какви. Последователно, сѐ додека трае гужвата околу Украина, ќе трае и тука. А можеби и подолго

И тука доаѓаме до нашата позиција во актуелниот судир. Имено, руските геополитички интереси на Балканот, особено оној што го нарекуваат Западен, значи првенствено Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, се целосно исти со оние на ЕУ во Украина. Русија ги смета овие потенцијални членки на ЕУ како „мек стомак“ на Европската Унија.

И додека ние статираме во балканскиот дел од „мекиот стомак“, главно загледани во Бугарија и нејзините хирови, малку во сопствената беда, а со крајот на окото во сообраќајната (не)култура по улиците и новиот офанзивен бран на короната, тешко ги забележуваме, а камоли да ги контекстуализираме настаните околу нас.

Падот на Кабинетот на црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ, кој се смета за „просрпски“ политичар и неговата замена со Дритан Абазовиќ, чии политички принципи сѐ повеќе се доведуваат под знак прашање, е речиси извесна работа. Во Босна и Херцеговина, ревидирањето на Дејтонскиот договор е веќе во поодмината фаза. Во Србија, проруското расположение е толкаво што е речиси сосема сеедно кој ќе биде на власт. А тука не треба да се заборават ниту изјавите на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кои на Запад се третираат како „проруски“.

Не е тајна дека и во Македонија проруското влијание е влезено и во најголемите политички партии, а богами постојат и партии кои и во своите програми се „проруски“.

Русија нема некои колосални економски интереси на Балканот, ама геополитички има, и тоа какви. Последователно, сѐ додека трае гужвата околу Украина, ќе трае и тука. А можеби и подолго, затоа што списокот на руските желби е далеку поголем од подготвеноста на САД за отстапки.

Се разбира дека не знаеме како сето ова ќе заврши, но она што е полошо, не знаат ниту оние што управуваат со државата. И ним, како и нам, ќе им биде соопштено која е новата реалност.

Германскиот нобеловец за литература Гинтер Грас (1927 – 2015), неколку месеци пред смртта ќе рече дека му се чини дека Третата светска војна веќе почнала, но „на еден сосема поинаков начин од она што го знаеме од Првата и од Втората светска војна“. Во оваа војна, за жал, ние не сме субјект, туку објект.

Токму затоа не би ја земал анегдотата од почетокот на овој текст за заклучоците на ООСК на село Подмочани со некој особен потсмев. Важно е, и тоа како е важно, да имаме сериозен став по украинското прашање.