Висока цена

Во напорите како да се излезе од интеграциското статус кво на Македонија, a без стравови за постојано „баждарење“ на македонскиот идентитет низ преговарачкиот процес, експертот и одличен познавач на Балканот, Едвард Џозеф понуди интересна иницијатива, која може многу да ги растовари објективните македонски грижи и стравувања. Вредноста на иницијативата е во нејзината избалансираност, која нема намера да додава што било на нечиј тас, да зазема страна, туку да им го даде „зборот“ на архивите/историските докази со кои располагаат САД.

Неговата идеја – во рамки на стратегиското партнерство меѓу двете земји САД и Македонија да формираат Заедничка комисија за историски и образовни прашања, според образецот од Договорот со Бугарија, не е насочена против никого, и цели кон објективно истражување и пристап кон историјата. Тоа може да биде од голема корист за враќање на довербата, за вистински добрососедски односи меѓу две земји-членки на НАТО, од која едната го бара своето место во ЕУ, и за вкупната стабилност во регионот.

Покрај силни дипломатски тимови, посредници, олеснувачи, медијатори, кои со децении дефилираа на Балканот и во Македонија, барајќи формули за решавање замрзнати конфликти или пат до компромиси, оваа идеја наликува на нешто што навистина може да произведе додадена вредност

Во една многу објективна анализа, Џозеф филигрански прецизно ги опишува клучните проблеми и сугерира варијанта, која би можела да води кон излезно решение. Го посочува иљачот.

Покрај силни дипломатски тимови, посредници, олеснувачи, медијатори, кои со децении дефилираа на Балканот и во Македонија, барајќи формули за решавање замрзнати конфликти или пат до компромиси, оваа идеја наликува на нешто што навистина може да произведе додадена вредност.

Особено во време кога секогаш презафатената европска администрација како да го заборава лошото искуство од регионот -дека секогаш при обиди набрзина да се изгасне пожар, честопати остануваат да тлеат искри, кои во годините потоа предизвикуваат уште десетици нови пожари, некои и поразорни од иницијалниот.

А за разлика од регионалната пракса на размена на „дрва и камења“, кога се дебатира за историјата, особено на Балканот, кој „произведува повеќе историја отколку што може да поднесе“ (Винстон Черчил), оваа иницијатива има еден многу современ и практичен пристап. Може да понуди еден споредбен аспект на работата на македонско-бугарската комисија, со што ќе ги релаксира опасностите од обид за неаргументирано посегање по ексклузивитет врз историјата, нејзино крадење или нејзино уредување од позиција на поголема моќ.

За поборниците на вистината и фактите, ова е одлична контролна формула. И во право е професорот Драги Ѓоргиев, кога оценува дека размената на архивска граѓа меѓу двете држави, посебно на таа што се чува во американските архиви поврзани со македонската историја, би помогнало во подобро разбирање на историјата на развојот на македонскиот идентитет и во разбивање на тезите за некаков егзактен датум на неговото „раѓање“.

Особено што повеќе од една година од францускиот (европски) предлог, Македонија помина низ тешко мрцварење во анализата и идентификувањето на сите можни видливи и невидливи мини во преговарачката рамка. И во поделби, за жал.

Значи, еден добронамерен Американец, кој добро ги познава овдешните состојби, суптилитети и проблеми, размислувал и барал модалитети за одврзување на Гордиевиот јазол, гледано и низ призмата на сите актуелни замешателства и деривати  на руското влијание.

Не сакам да кажам дека кај нас ништо не се прави. Се прави, ама на најпогрешниот можен начин, со постапки што мирисаат на политичка размена на државна милост, за милост кон уставните измени.

Идејата на Џозеф добива уште поголема вредност кога ќе се видат тие овдешни „формули“. Градењето пат кон ЕУ не подразбира трикови што водат кон уривање на правните темели, кои, пак, утре треба да бидат најцврстиот постамент за европската иднина

Со пакет-измени во кои орото најпрвин го поведоа наменски и ургентни измени на Кривичниот законик, а следи утврден предлог на Закон за амнестија и предлог на Закон за помилување, се исцртуваат скици на еднаш веќе виден план – уставните измени да се спроведат на сметка и на штета на владеење на правото.

Шпекулациите за лицемерието со кои тие беа проследени (експерт да сугерира насоки за измени на КЗ, а потоа да демантира дека „формално“ учествувал во нив) се дел од децениските византиски игри поради кои и сме доведени до оваа точка за драматично збогување од заложбата за владеење на правото во корист на владеење врз правото, односно негова злоупотреба.

Не помага тешењето дека пред таква наменски дозволена девијација ќе замижат дури и земјите помагачи на реформите во нашето правосудство, пред сѐ заради повисоката цел – преминување на нашата последна бариера до Втората меѓувладина конференција. Но, дури и привремено да замижат, тоа е првото нешто за кое цехот потоа бргу ќе стигне и ние ќе мора да го платиме.

Идејата на Џозеф добива уште поголема вредност кога ќе се видат тие овдешни „формули“. Градењето пат кон ЕУ не подразбира трикови што водат кон уривање на правните темели, кои, пак, утре треба да бидат најцврстиот постамент за европската иднина.

Патот ни случајно не треба да води преку компромитирање на владеењето на правото. Македонија не може и не смее да си дозволи да плати толку висока цена, за отпосле да ѝ „текне“ дека обезличувањето било погубно и за други сфери, не само за идентитетската.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија