Во спомен на СЈО

Колумна на Сашо Кокаланов
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

1.
Има еден добар виц во денешните новини. Посетители во фабрика за производи од гума се шетаат со водич низ халите. Прво се во секторот за производство на бебешки цуцли. Сè функционира беспрекорно. Следен за посета е департментот за производство за кондоми. Навидум и овде сè е во совршено ред.
Но, чекајте, една жена во бел мантил стои до лентата и го продупчува секој десетти кондом. Вџашени, посетителите прашуваат зошто онаа госпоѓа намерно ги оштетува кондомите, а обезбедувањето не презема ништо.
– А, не, таа е наша вработена. Знаете, како да ви кажам, сепак, имаме и сектор за бебешки цуцли – одговара водичот на гостите.
Македонија е една голема фабрика за разноразни компромиси. Некои се морални, други мора да се направат, ама не се баш морални.
Жал ми е за СЈО, ама дека во оваа наша голема фабрика за консензуси и компромиси, се чини ним им се падна да бидат оној десеттиот кондом што мора да биде пробушен.
Сепак, треба да живеат и другите сектори во државава, не само правната држава.

2.
Бомбите, така, полека, но сигурно заминуваат во историјата. Со законските промени, најверојатно, ќе се најде некој модус СЈО формално да преживее, но не и снимените материјали од кои тоа ја црпи смислата на своето постоење.
Попрецизно кажано, за „старите“ случаи ќе пука сè уште по некоја бомба по судниците додека се изведуваат доказите. А за новите, обвинителите ќе треба да си најдат нови докази.
Добро, ќе станат историја, но за да не паднат во заборав, ни се пружа ретка историска и деловна можност да им обезбедиме вечен паметник. Притоа, тоа можеме да го направиме различно од претходната власт – без корупција, без бронза, восок, мермер, стиропор, без милионски хонорари на вајарки, без да го упропастиме главниот град или некој негов јавен простор…
Едноставно, постои готов меморијален центар, веќе изграден за слична намена, а, каква среќа, неодамна огласен е на продажба.
Да, веста е точна. Србија го продава Меморијалниот комплекс „Бошко Буха“. Комплексот опфаќа спомен-куќа, музеј, дом на културата и бронзен споменик на бомбаш. Иако изграден далечните седумдесетти години од минатиот век, со скромни донации на пионерите од целата бивша Југославија, Србија го пушта на лицитација, а ние, како единствена од земјите-наследнички на поранешната држава која ревносно ја чуваше бомбашката традиција и во новите времиња, треба да се јавиме на наддавањето.
Со минимални прилагодувања, комплексот ќе може да прими екскурзијанти од целата Татковина. Ученици, студенти, историчари, вљубеници во правната држава, во спомен-куќата ќе може да изгледаат пресови на Катица, Фатиме и Ленче, или со три-де очила да изгледаат некое од судењата на предметите на СЈО.

3.

За да нема никакви непотребни збрки со придавката, во духот на Преспанскиот договор, комплексот ќе се вика Национален музеј на бомбашите од регионот.
Да, новите имиња се топ. Конечно нешто навистина креативно од државава. Ама, сериозно, без иронија.
Мислев ќе ја додаваат „Северна“ сегде по инерција, ама, сепак, некој таму седнал и си ја заработил платата употребувајќи и мал потенцијал од својата сива маса.
Придавката „национална“ е добро решение. Без зафрканција. Ем договорот испочитуван, ем избегнато тоа додавката да се лепи сегде по секоја цена. Таму кај што мора, пеки, кај што не мора, не мора.

4.
Пругата кон Бугарија напредува како никогаш досега во последниве двесте години откако е измислена железницата во 1814 година. За лично да се уверат како напредуваат работите, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот Горан Сугарески замина во посета на Бељаковце. Не е баш дека отидоа со кола, а се вратија со воз, ама градежните работи навистина добро напредуваат. Кај првата делница се 70 отсто готови. Уште шини и некои ситни работи и ќе имаме железница кон уште една соседна земја.
Главниот проблем кога ќе биде завршен овој проект ќе биде, сепак, од психолошка природа, то ест, ќе треба да се земе уште некој милион кредит од ЕБОР за кампања да се убедат граѓаните дека пругата кон Бугарија навистина постои, зашто таа одамна е претворена во виц.

5.
Доколку ДУИ не го поддржела Стево Пендаровски за консензуален кандидат, како една од опциите што се разгледувале во партијата била и таа за претседател да го кандидираат собранискиот спикер Талат Џафери, објавија повеќе медиуми денеска. Хм. Не знам. Јас некако не сум сигурен дека Џафери и натаму не е кандидатот на ДУИ за шеф на државата, и покрај консензуалниот договор. Вие сигурни сте? Колку отсто? Ај, баш ќе видиме на денот на гласањето кој е претседателскиот кандидат на партијата на Ахмети.

6.
Во меѓувреме, Гоца национале веќе на големо е во кампања. Бидејќи го нема предзнаењето на Влатко Ѓорчев, таа допрва се запознава со имињата на улиците и адресите на вмровските партиски штабови ширум целата Република.
Многу имиња научи. Кај и да е, до крајот на кампањата можеби ќе се запознае и со уставното име на државава.
А бидејќи таа зад себе ја има целата инкцизициска тајфа од минатиот режим, и понатаму ќе се однесува како падната во македонската реалност директно од страниците на „Името на розата“. Поинаку кажано, груевизмот никогаш нема да го именува со вистинското име, но затоа веќе го усвоила терминот „заевизам“ за сето зло во земјава.

7.
А дека „заевизмот“ добил меѓународни размери, најдобар доказ се заканите дека Европската народна партија ќе ја исфрли од своите редови партијата на докажаниот пријател на Македонија, гостопримлив домаќин на наши политичари и носител на највисок македонски орден – Виктор Орбан.
Дајте луѓе да го спречиме ова зло во корен, зашто ако денес си седиме на страна и се правиме дека не нè засега, кога утре ќе тропне на нашата врата и ќе го исфрлаат нашето ДПМНЕ, може да биде доцна.