За погребите, свадбите и статистиките

Една од најпиторесктните личности на македонската политика, Амди Бајрам, не можеше да остане без контроверзи и на своето конечно заминување. Само што овојпат тоа навистина не беше негова заслуга, или барем не исклучиво негова.

Првин, пост мортем што се вели, беше констатирано дека починал од ковид-19, односно дека бил носител на вирусот, поради што беше препорачано погребот да се изврши во согласност со протоколите во вакви случаи. Потоа се пушти во оптек информација дека починатиот ќе биде погребан во Алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“ што предизвика дополнително хистеризирање на социјалните мрежи.

Се разбира дека излезе дека станува збор за лажна вест, односно за вообичаената пракса на овдешните медиуми да пренесуваат партиски соопштенија без никаква проверка. Во случајов стануваше збор за соопштение на партијата на Бајрам, Сојуз на ромите, што не е ни многу битно, или барем не толку битно колку што е воспоставената медиумска практика некритички да се преземаат изјави, соопштенија или што и да е од наводни авторитети и на тој начин јавноста дополнително да се вознемирува и да се сензибилизира онаму каде што тоа навистина не е потребно.

И потоа целата одговорност да се префрли врз некој безбеден извор, партија, некаков функционер или било кој за кого медиумот смета дека е непогрешлив.

Како дигресија тука може да се наведе примерот од пред неколку години кога Македонската телевизија лиферуваше вест дека извесен етнички Македонец бил ѕверски претепан во Егејска Македонија што дури и починал од повредите, што предизвика вистински и, би рекол, опасен гнев во јавноста. Тоа што подоцна се утврди дека човек со такво име и презиме и на таа возраст воопшто не постои, дека во тоа место не е пријавен никаков инцидент, никако не ја намали штетата.

Тогашните уредници се правдаа дека веста им ја соопштил претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров и затоа немале никаква причина да се сомневаа! Ако верувате на мојот збор и на моето искуство, ќе ви кажам дека во некогашна „Нова Македонија“ се проверуваа и соопштенијата на тогашната Единствена Партија, односно на ЦК СКМ. Ако ништо друго, никој во „Нова Македонија“ не сакаше Централниот комитет на Партијата во очите на јавноста да изгледа кретенски. Или, ако сакате поилустративно, никој немаше да настрада од ЦК СКМ, туку тоа секогаш ќе беше некој новинар од Дескот на „Нова Македонија“.

Во текот на 2010 година во војните во Ирак и Авганистан загинале 3.482 активни американски војници. На вкупно 1,4 милиони војници и придружен персонал, статистиката вели дека има 2,4 умирања на илјада луѓе. Истата таа 2010 година смртноста во целата популација во САД била речиси три пати поголема – 8,2 умирања на илјада луѓе. Значи ли тоа дека е побезбедно да се оди во војна, отколку да се седи дома?

Не случајно постои едно правило во новинарскиот занает, кое отприлика гласи: Ако родената мајка ви каже дека ве сака, секогаш морате да најдете два независни извори што ќе го потврдат ова тврдење.

Но, тоа е сосема друга, иако битна, приказна. Во нашата приказна важно е дека Амди Бајрам не е погребан во Алејата на великаните (дури и АД „Бутел“ мораше да ја демантира веста која експлозивно се рашири преку медиумите). И уште поважно е дека не се почитуваа протоколите за погреби на луѓе починати од ковид-19.

Медиумите склони на броење известија дека на погребот присуствувале неколку стотини луѓе (од триста до петстотини, во зависност од медиумот). А она што е најважно е дека полицијата не само што не го забрани/растури/оневозможи овој собир, туку го заштитуваше.

Медиумите склони на броење не пропуштија да кажат дека овој погреб се одвиваше во денот кога се забележени највисоките бројки во овдешната епидемија (позитивни се речиси 30 проценти од сите тестирани, а починати се дури 22 заболени. Колку што знам, и Амди Бајрам влегува во оваа црна статистика). Се разбира, прецизно се избројани и луѓето што биле на неодамнешната свадба на внуката на починатиот политичар во Истанбул.

Лидерот на Твоја партија, адвокатот Александар Тортевски, дури и доста убедливо изложуваше тези дека организаторите на свадбата, без оглед што се случува во друга држава, треба кривично да одговараат пред нашите судови! Особено во времето кога кај нас се забранети масовни собири од овој тип!

Лично не знам што овие бројки би требало да значат. Всушност знам зошто и како се пласираат, ама сепак тврдам дека не се релевантни. Како што не се релевантни и оние цифри на починати од стрес, глад, сообраќајни несреќи, дијабетес и други причини за морталитет. Според статистиката, на пример, многу е подобро и посигурно да се оди во војна отколку да се седи на кауч и да се гледа телевизија.

Имено, во текот на 2010 година во војните во Ирак и Авганистан загинале 3.482 активни американски војници. На вкупно 1,4 милиони војници и придружен персонал, статистиката вели дека има 2,4 умирања на илјада луѓе. Истата таа 2010 година смртноста во целата популација во САД била речиси три пати поголема – 8,2 умирања на илјада луѓе. Или ако сакате вака: Светската здравствена организација проценува дека на годишно ниво од дијабетес умираат околу 415 милиони луѓе, значи десеткратно повеќе отколку што има регистрирано заразени од ковид-19 (43,1 милион) и многу, многу пати повеќе отколку што има регистрирани умирања како последица од корона вирусот.

Значи ли тоа дека наместо локдауни, полициски часови, маски, дистанци и пречеста хигиена треба да го забраниме шеќерот, чоколадите, кремпитите, крофните и баклавите?

Се разбира дека не. Прво, дијабетесот е хронична, значи долготрајна болест. И не е заразна. Додека ковид 19 е акутна и заразна болест. Она САРС во името на вирусот (САРС Ков 2) значи Тежок акутен респираторен синдром (Severe acute respiratory syndrome). Ниту еден карцином, сообраќајна несреќа, глад, стрес, некоја хронична болест… без оглед на нивниот рапиден раст, нема да ги пополни болниците на начин на кој тоа го прави некоја акутна и пренослива болест како што е ковид-19. И, ете, затоа се мерките тука неопходни.

И тоа е целата поента на овој текст. Без оглед на значењето на Амди Бајрам за цела една популација и без оглед на неговото значење за целокупната македонска политика, не би смеело да постои селекција во односот кон протоколите, без оглед дали станува збор за свадби или погреби. Во оваа ситуација секој човек е важен. Барем онолку колку што се важни и политичарите.