Живите жаби во партиските стомаци

По отфрлањето на сите приговори од страна на Државната изборна комисија, со голема доза на сигурност може да се претпостави дека и по завршувањето на постапките пред Управниот суд, засега неофицијалните резултати од предвремените парламентарни избори нема да бидат променети. Или барем не драстично.

Со други зборови, Македонија и натаму останува длабоко поделена земја, без политичка волја да се разберат процесите и времето што е пред нас.

Да, можеме сега да зборуваме за причините за ваквиот изборен скор, за наводната неизлезност поради разочараност на избирачкото тело, за лошата предизборна кампања, за корона-кризата итн. На крајот на краиштата, не бадијала рекле дека по битката сите генерали се паметни.

Она што мене, сепак, ми е поинтересно се шпекулациите за тоа како ќе изгледа следната македонска влада, онаа што треба да нѐ внесе во преговорите за членство во Европската Унија. Се разбира, не како ќе изгледа во персонален, туку во партиски состав, односно каков политички договор ќе се направи меѓу парламентарните политички партии.

Без оглед на фактот дека ситуацијата е практично пата-пата или токму поради тоа постојат дузина варијанти како би можела да изгледа следната влада, во распонот од малцинска, па сѐ до влада на националниот спас. Јасно е дека, во услови на остри политички поделби и сосема различни погледи на македонските перспективи, овие две крајности се тешко веројатни.

Останува просторот меѓу нив. И повторно клучниот збор ќе го игра „вечниот фикс“ во македонското извршно владеење – Демократската унија за интеграција.

По предизборната реторика дека е „здраво за македонската политика ДУИ да оди во опозиција“ и дека „Мицкоски не преговара под уцени“, сега треба да се голтнат живи жаби и да се оди на „бакнување рака“ кај Али Ахмети

Лесно е да се претпостави дека фактот дека ДУИ и на овие предвремени парламентарни избори уште еднаш се факторизираше како чинител без кого, не само што не се може, туку практично ќе решава кој ќе ја составува следната влада, предизвикува тешки дигестивни тегоби кај лидерите на двете најголеми политички партии од македонскиот политички блок.

По предизборната реторика дека е „здраво за македонската политика ДУИ да оди во опозиција“ и дека „Мицкоски не преговара под уцени“, сега треба да се голтнат живи жаби и да се оди на „бакнување рака“ кај Али Ахмети.

Во таа смисла, прилично се несериозни калкулациите како да се остави ДУИ во опозиција. Се разбира, има и такви варијанти, меѓу кои најгласна е онаа што можеше да се слушне уште во еден од предизборните дуели меѓу Заев и Мицкоски – за „позајмување“ пратеници меѓу овие две партии, сѐ со цел партијата на Ахмети да остане надвор од власта.

Иако во македонската политика, меѓупартиските „пребези“ не се непознат феномен, се чини дека ваквата опција пред себе носи повеќе и поголеми опасности отколку ако ДУИ остане во власта.

Прво, тоа ќе значи директно заобиколување на гласачката волја. Ако гласачите имале волја ДУИ да има 15 пратеници и со самото тоа да биде неизбежен дел и од новата власт, тогаш навистина е тешко да се најде причина зошто таа волја би била пренебрегната. На крајот на краиштата, ваквата опција, не само што ќе биде директен и сериозен удар врз македонската кревка демократија, туку ќе претставува и потег кој може да ја вовлече во сериозна и тешко разрешлива криза. И тоа токму пред отворањето на поглавјата во преговорите со ЕУ.

Второ, ваквото „позајмување“ нема да значи ништо друго, туку продолжување на ординарниот политички криминал, кој зад себе ќе ги влече опашките на корупција и подмитување на народните претставници со народни пари. Макијавелистичката максима дека целта ги оправдува средствата можеби и може да се правда за некакви навистина виши и возвишени цели, но изигрувањето на гласачката волја сигурно не може да биде вброено во оваа категорија.

Од друга страна, СДСМ и неговата коалиција можат да направат влада со своите и со пратениците на ДУИ, но тоа ќе биде прилично слаба влада (61 пратеник), што ќе остави широки можности токму за дубиозни манипулации и политички и поинакви уцени. Може тоа да го направи и ВМРО-ДПМНЕ, додуша со малку повеќе напор и убедувања, ама резултатот повторно ќе биде ист.

Концентрациона, односно влада на националниот спас, во која би влегле сите парламентарни политички партии, повторно на некој начин ја суспендира волјата на гласачите. Таквата влада може да обезбеди функционирање на државата во криза, како што е впрочем корона-кризата, меѓутоа нема да има политички капацитет да носи капитални реформски одлуки, толку неопходни за претстојните европски преговори. Со други зборови, ќе се закочи во место.

Ова е можност да се види дали СДСМ навистина го поседува оној коалициски капацитет, како што тврди, и дали партиите од албанскиот политички блок се залагаат за интересите на целата држава, како што тврдат

Непостигнување  политички договор за формирање влада, исто така, не е опција, затоа што тоа подразбира брзи предвремени избори, а никој не гарантира дека на тие избори резултатот нема да биде идентичен, па дури и покомплициран од сегашниот. Нема белки нон стоп да организираме избори и да се чудиме што ќе правиме после.

Кое е тогаш решението? Јасно, широк консензус околу „проектот ЕУ“. Во овој момент, тоа ги подразбира победничката коалиција, како и партиите од албанскиот политички блок. Ваквиот консензус може да резултира со стабилна влада (74 пратеника), при што ДУИ ќе го нема повеќе приматот на репрезентативен претставник на Албанците во Македонија, затоа што наспроти 15-те нивни пратеници, останатите албански партии (заедно со Беса) имаат 16 пратеника.

Влегувањето на целиот плуралистички спектар на албанскиот политички фактор во власта ќе ја намали националистичката реторика во јавниот политички говор на „двете страни“. Првин, затоа што сите политички претставници на Албанците во Македонија ќе бидат во власта и со самото тоа одговорни за состојбите во земјата, а потоа затоа што македонскиот национализам ќе ги спушти копјата, бидејќи ќе нема од што да се храни.

И она што е најважно: ваквата влада ќе има комотно мнозинство (вклучувајќи го тука и Бадентеровото) за да може да носи важни системски закони. Секако, ќе има и силна опозиција, со тоа што целата одговорност, сепак, ќе падне на владата и ќе нема оправдувања дека опозицијата ги блокирала во нивните реформи.

Основното прашање е дали е можна една ваква коалиција? Не знам. Ама во секој случај, ова е можност да се види искреноста на партиите во нивните политики, односно дали се способни да ги надминат теснопартиските интереси, да се надминат себеси, да ги проголтаат живите жаби на македонската политичка недугавост и навистина еднаш да поработат на повисоките цели, надвор од своите суети и сопствените желби.

Можност е ова да се види дали СДСМ навистина го поседува оној коалиционен капацитет, како што тврди, и дали партиите од албанскиот политички блок се залагаат за интересите на целата држава, како што тврдат.