Звукот на тишината

Ова со авионите што прскаат против комарци, а се нечујни, ме потсети на еден виц. Повозрасен човек му се жали на лекарот: „Докторе, постојано испуштам гасови, но за среќа нечујни се, и воопшто не смрди“.

Лекарот му пропишал лекови и му закажал контрола по неколку дена.

 „Каква е состојбата сега?“

„Иста докторе. Гасовите и понатаму се нечујни, само што сега почна да смрди“.

„Одлично! Значи синусите успешно ви ги одзатнавме, остана уште да ви го средиме слухот!“

Кога егото на политичарите им го затнува слухот за проблемите на граѓаните, нормално е бучавата на авионите за запрашување да е на „најниско ниво“, а комарците да се минорен проблем.

Случајот кај нас бележи и еден огромен апсурд: власт што на глобален план се обидува да ги реши најкрупните децениски проблеми на државата, поразително е на локален план да паѓа на пропуштена битка – со комарци! И состојбата не е проблематична само во Скопје, туку во сите општини.

Го имам предвид и заморот и потребата од одмор бидејќи целиот напор во континуитет трае од 2015 година, го имам предвид и задоцнетиот тендер за уништување на ларвите… Но, ниеден проблем не смее да се потцени, без оглед колку и да изгледа ситен во однос на некои други големи прашања.

Кога егото на политичарите им го затнува слухот за проблемите на граѓаните, нормално е бучавата на авионите за запрашување да е на „најниско ниво“, а комарците да се минорен проблем

Бидејќи, луѓето токму на вакви, навидум мали проблеми, ги темелат своите големи одлуки. Колку за илустрација, ви пренесувам дел од гласен разговор меѓу возрасни жени во маркет, кои меѓусебно се жалеа на убоди на стапалата.

„Види ме, како да имам сипаница“.

„Велат, прскале, ама авионите биле тивки, па затоа не сме ги виделе“.

„Е па кога ќе дојде референдумот, и јас ќе бидам невидлива“.

Разбирате ли до каде може да оди спиралата на „мала одмазда“? Од комарец до референдум!

Двете работи немаат врска едно со друго, ама ако луѓето почувствуваат дека некој ги дрибла, подготвени се да вратат. Нервозата и гневот немаат амбиција за анализа. Фитиљот е кус, потенцијалот афективен: сега, веднаш и без размислување.

Впрочем, комарците ги земам само како синоним за сѐ што во моментов на власта ѝ изгледа безначајно за да ги активира механизмите на одговорност, а јавноста ги третира како „афери“.

Плеткањето со разни соопштенија, тактизирања, одолжувања, се доживуваат слично како серија „убоди“ во ткивото на транспарентноста и одговорноста.

Можеби Македонија по некоја случајност и ќе се спаси од појавата на „нилска треска“ во здравствена смисла, но во политичка смисла нема да ја избегне, ако по одморот на владата не се стегнат разлабавените шрафови во системот.

Премиерот може да има разбирање и толеранција за одредени разнишани лостови, да дава втора шанса, но граѓаните немаат многу трпение да чекаат резултати од поправен испит на неопределено време во разни ешалони на власта.

Особено поради периодот што претстои: зборуваме за ЕУ, за НАТО, за критериуми, за подобри стандарди, во време кога ни недостига основна инфраструктура што ќе нѐ прикаже како вистински, а не лажни приврзаници на тие стандарди.

Од тој аспект, на пример, недозволиво е и во третиот квартал од годината да влеземе без Државна комисија за спречување криминал. Знам дека се подготвува нов закон и сосема нов концепт за тоа тело, но би било добро сето тоа да се забрза. Во недостиг од ДКСК сега сите се антикорупционери, сите судат, сите пријавуваат случаи, а истовремено – ништо не е ставено под вистинска лупа и нема епилог.

Ако луѓето почувствуваат дека некој ги дрибла, подготвени се да вратат. Нервозата и гневот немаат амбиција за анализа. Фитиљот е кус, потенцијалот афективен: сега, веднаш и без размислување

Земјава заличува на агора, на еден голем граѓански форум, во кој сите дебатираат за сѐ и сешто, протестираат, обвинуваат, но таа врева не продуцира никаков институционален ефект. Некому можеби тоа и да му одговара – луѓето да се испразнат, а по секое „чудо“ што трае три дена, на сцената ќе дојде нова тема. И повторно сѐ од почеток.

Македонија не смее да остане држава, која проблемите ќе ги „решава“ со катарзично празнење. За таков тип амбиентално и форумско соочување со предизвиците, не ни требаат ни ЕУ, ни НАТО.

Напротив, ако тврдиме дека сакаме да сме дел од семејството во кое отчетноста, транспарентноста, законите и владеењето на правото се рамката во која и ние сакаме да го темелиме и унапредуваме системот, тогаш нејасно е зошто во практика се однесуваме како приврзаници на класична аномија, како луѓе кои трагаат по посакуваните обрасци на однесување, но не ги наоѓаат. Или не сакаат да ги најдат.

Знам дека е тешко да се демонтираат вградените девијации во изминатите десет години, но знам и дека сите беа свесни дека ќе биде тешко и дека следи период на „солзи и пот“.

За надворешно-политичките резултати навистина беше вложен огромен напор и навистина заслужува почит офанзивната четворка (Заев, Димитров, Шекеринска, Османи), но на внатрешен план не се испотија баш сите.

Дел работат и молчат, дел повеќе парадираат или пиаровски зујат (не поразлично од комарците) за да остават впечаток дека работат.

Така што, следниот авион што ќе полета, бучен или небучен, треба да биде по иницијатива на премиерот и да ги прочисти овие залежани ешалони.

Потоа, и комарците помалку ќе нѐ нервираат.