Регион

Комеморацијата за војниците на ЈНА убиени во Тузла ќе се одржи во Биелина

Младен Лакиќ, Сараево
 

Од комеморацијата во Тузла во 2015 година. Фото: Анадолија

Функционерите од Република Српска (РС), и оваа година ќе ја одржат комеморацијата за припадниците на ЈНА, кои беа убиени на 15 мај 1992 година додека се повлекуваа, на гробиштата во Биелина, а не во Тузла.

Миленко Савановиќ, министер за труд и боречко-инвалидска заштита на РС, изјави дека настанот е преместен, поради тоа што во Тузла не е дозволено да се постави спомен-плоча.

„Нашите прашања, како што е тоа случај и со улица „Добровољачка“ во Сараево, остануваат неодговорени од официјалните лица на Тузла“, рече Савановиќ.

За потсетување, на почетокот на овој месец, семејствата на војниците на ЈНА, убиени во мај 1992 година во улица „Добровољачка“ во Сараево, додека се повлекуваа од градот, не ја одржаа комеморацијата во главниот град на Босна и Херцеговина, бидејќи не им беше дозволено да постават спомен-плоча.

На комеморацијата за војниците кои беа убиени кога нивниот конвој во мај 1992 година ја напушташе Тузла, што ќе се одржи во вторник во Биелина, ќе присуствуваат официјални лица на овој град и на РС.

Ниту минатата година комеморацијата не се одржа во Тузла, бидејќи Савановиќ тврдеше дека безбедносната ситуација во градот не е соодветна и дека настанот треба да го обезбедуваат голем број на полициски службеници, за да се избегнат можни инциденти.

Последната комеморација одржана во Тузла во 2015 година помина без инциденти.

Илија Јуришиќ, припадник на полицијата во Тузла, беше обвинет дека го наредил нападот на конвојот на ЈНА кој се повлекувал.

Јуришиќ, во 2009 година, првично беше осуден на 12 години затвор за воени злосторства.

Според пресудата, претставници на ЈНА и на босанските сили, договориле повлекување на припадниците на ЈНА од касарната во Тузла, без напад на колоната. Меѓутоа, босанската страна го прекршила договорот и отворила оган врз конвојот војници.

Шест години подоцна, Апелацискиот суд во Белград, правосилно го ослободи Јуришиќ, поради недостиг на докази.