Регион

Косово им оддаде почит на 138 цивили, убиени во масакри во села околу Пеќ

Сербезе Хаџиај, Приштина
 

Рамуш Харадинај на комеморацијата. Фото: Кабинет на премиерот на Косово

Рамуш Харадинај, присуствуваше на комеморацијата што се одржа во селото Ќушка, во спомен на оние кои беа убиени на 14 мај 1999 година, кога за време на војната во Косово, српските сили нападнаа три села во регионот на Пеќ.

„Масакрот во Ќушка е еден од најболните настани во војната, масакр над невини и беспомошни цивили“, рече Харадинај.

Српските сили убија 138 жители, етнички Албанци, на селата Ќушка, Пављан и Захаќ.

Харадинај истакна дека масакрите се „сведоштво за тешкиот пат до слободата“ и побара извршителите да бидат изведени пред лицето на правдата.

„Ова е порака до локалните и до меѓународните судски институции, да ја донесат правдата и да ги осудат сторителите на овие злосторства, кои се меѓу најголемите по Втората светска војна“, додаде тој.

Србија моментално им суди на 11 поранешни припадници на 177 интервенциски одред на Војската на Југославија, за воени злосторства во косовските села Ќушка, Пављан, Захач и Љубениќ, извршени во пролетта 1999 година.

Обвинетите првично, во февруари 2014 година, беа осудени на вкупно 106 години затвор, за убиство на најмалку 118 цивили, косовски Албанци.

Но, Апелацискиот суд во 2015 ги поништи пресудите и случајот го врати на повторно судење.

Оттогаш судењето го следат одложувања, а сведоците одбиваат да дојдат во Белград и да сведочат.

Двајцата од обвинетите, Милојко Николиќ и Радослав Брновиќ, починаа во текот на судењето.

Обвинетиот Дејан Булатовиќ е болен и неговиот случај е одвоен од другите.

Обвинетиот Ранко Момиќ, пак, е во бегство.

За злосторствата во горенаведените села се зборува и во документарниот филм на БИРН „Неидентификувани“, во кој се открива командната структура на полициските и воените единици кои биле вклучени во насилствата.

Трејлерот за документарниот филм погледнете го тука: