Blerta Begisholli Приштина БИРН May 16, 2019
Пратеничката на Демократска Партија на Косово (ПДК), Флора Бровина, предизвика лути реакции, кога на медиумите им покажа фотографија на која, како што рече, се гледа како тројца српски војници силуваат Албанка, за време на војната.
Бровина им ја покажа оваа фотографија на медиумите, во ходникот на Собранието на Косово, за време на дебатата за резолуцијата со која Србија се обвинува за геноцид, извршен за време на војната.
„Како да сме замолчени и спречени да зборуваме за овие работи“, рече Бровина, за време на дебатата за резолуцијата.
По инцидентот, Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека покренало истрага за фотографијата, чија автентичност сè уште не е независно потврдена.
Сепак, неколку политичарки во Косово, налутено реагираа на овој потег на Бровина, оценувајќи го како неетички и нечовечен.
Пратеничката, Саранда Богујевци, од опозициското движење Ветевендосје (Самоопределување), изјави дека фотографијата не требало да биде прикажана.
„Госпоѓо Бровина, извинете, но она што го направивте е сосема погрешно. Ја покажавте жртвата и рековте оти таа е жива. Замислете како таа се чувствува. Ова не е достоинствено однесување кон една личност“, рече Богујевици, и самата воена жртва.
Таа побара од медиумите во Косово кои ја објавија фотографијата, да ја отстранат од своите страници.
„Тоа го бараат семејствата и тие се загрижени“, додаде таа.
Поранешната претседателка на Косово, Атифете Јахјага, која, додека ја вршеше оваа функција, се залагаше за правата на жртвите на силување во војната, исто така, го критикуваше прикажувањето на фотографијата, истакнувајќи дека тоа би можело да го открие идентитетот на жртвата.
„Објавувањето на такви фотографии, кои покажуваат силување на жена од страна на српските воени сили за време на војната, претставува сериозен шок за илјадниците лица кои преживеале сексуална злоупотреба за време на војната во Косово“, рече Јахјага.
„Одвратно е, болно и срамно што косовска пратеничка, која го подигна гласот за правата на жените и мажите силувани во војната во Косово, денес го користи Собранието за јавно прикажување на таква фотографија“, додаде таа.
За време на парламентарната дебата, Бровина, поранешна активистка за човекови права, која српските власти ја уапсија во 1999 година, рече дека слушнала многу сведоштва од косовските жени, силувани од српски војници.
„Ги имам приказните на овие жени, кои не беа доволно храбри да сведочат во Хашкиот трибунал“, нагласи таа.
ЗАБЕЛЕШКА: Овој текст е изменет на 17 мај 2019 година, за да се појасни дека Бровина им ја покажала наводната фотографија на силување на медиумите, во ходникот на Собранието на Косово, а не во салата.