Речиси еден месец по пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој изгореа 14 луѓе, тетовското обвинителство ги објави првите наоди од вештачењето на полицијата.
Во соопштението пишува дека полицијата утврдила каде настанал пожарот, како и можна причина што го предизвикала огнот во модуларната болница.
Причината е спој во приклучниот кабел во дефибрилатор, во една од болничките соби.
„Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор, со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби“, пишува во соопштението на Обвинителството.
Според соопштението, прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжениот кабел, на кој биле приклучени дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.
Медицинскиот персонал, пак, што бил присутен се обидел да го угасне пожарот, но тој бргу се проширил низ целиот објект, од кровните панели кон панелните ѕидови и болничкиот инвентар.
Причината зошто не можело да се запре огнот е тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентот на присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено.
Освен тоа, била оштетена кислородната инсталација во текот на пожарот, па огнот се проширил низ целиот објект за кратко време.
Во поткровниот простор на објектот, како што извести Обвинителството, немало прегради меѓу просториите и кон ходникот што би го забавило пренесувањето на огнот.
Документот што е доставен до тетовското обвинителство го изработил Одделот што ја носи кратенката ОКТИВ, односно Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР.
Обвинителството соопшти дека ова вештачење е само еден од доказите што се обезбедени во досегашниот тек на постапката.
Таму се очекува да пристигнат извештаите и податоците за кои издало наредби до други надлежни институции, како и вештачењето, кое треба да пристигне согласно побараната меѓународна правна помош од експертски тим од Германија.
Вчера премиерот Зоран Заев изјави дека очекува МВР да го објави извештајот од вештачењето.