Интервјуа

Кристијан Мир: Случаите „Фокус“ и Кежаровски требаше да се најдат во извештајот на ЕК

Кристијан Мир, извршен директор на Репортери без граници од Берлин, за БИРН вели дека Македонија е редок случај во светот една држава да доживее толку драматичен пад во однос на слободата на медиумите

Кристијан Мир:Тука сум за да ги поддржам новинарите во нивната борба за слободата на медиумите | Фото: М. Јордановска

Кристијан Мир

Пад за 89 места во однос на слободата на медиумите доживеа Македонија во последните пет години во извештаите на меѓународната организација „Репортери без граници“. Од 34-тото место во 2009 година, земјава сега се наоѓа на 123-тото место.

Со Кристијан Мир, извршниот директор на Репортери без граници од германската канцеларија во Берлин се сретнавме во Старата чаршија каде што невладината организација Цивил и Фондацијата Фридрих Еберт организираа дискусија на тема „Слобода на гововор и медиуми во Македонија: Предизвици и решенија“.

Мир е дојден во Македонија и по повод Медија форумот на Медиумската организација за Југоисточна Европа (СЕЕМО) што ќе се одржува во Скопје.

Во земјава, него го затекнаа два актуелни настана што го привлекоа неговото внимание. Случајот со новинарот Томислав Кежаровски, кој ја очекува второстепената пресуда и казната за новинарите од „Фокус“ Јадранка Костова и Владо Апостолов кои треба да му платат 9.300 евра отштета по тужбата на директорот на УБК Сашо Мијалков.

„Во однос на слободата на медиумите во Македонија имаме забелешки и на индивидуално и на глобално ниво. Томислав Кежаровски е индивидуален случај, новинар да биде осуден само затоа што си ја вршел својата работа. Освен тоа, има недостиг од транспарентност во однос на рекламите на владата, но и злоупотреба на Законот за навреда и клевета, како што е случајот со Фокус, што покажува дека се нарушува независното новинарството“, изјави Мир за БИРН.

Кај него може да се забележи доза на разочараност поради тоа што во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, овие два случаја воопшто не биле спомнати. Критиките во европските извештаи, како што вели тој, мора да се поткрепат со конкретни примери.

Ретко која држава за 5 години може да доживее толку голем пад во однос на слободата на медиумите | Фото: М. Јордановска

Ретко која држава за 5 години може да доживее толку голем пад

„Се надевам дека во наредните извештаи, Европската комисија ќе го земе ова во предвид“, вели извршниот директор на „Репортери без граници“.

За него, Македонија е редок случај – практиката покажува дека ретко која држава за пет години може да доживее толку голем пад во однос на слободата на медиумите. Единствено „блиски“ во овој поглед ни се Бугарија и Романија.

„Речиси и да не сум видел држава толку брзо да падне во однос на слободата на медиумите, како што Македонија падна во последниве години. Ова го зборувам на глобално ниво. На регионално ниво, единствено можам да ве споредам со Бугарија и со Романија“, вели Мир.

Тој денеска се сретна со голем број новинари и претставници од невладиниот сектор. Сите имаа по нешто да му соопштат – притисоци, нетранспарентни владини реклами, селективно казнување на медиуми…

„Власта мора да покаже волја и да ги објави јавно владините реклами. Очекуваме да биде биде направен регистер за тоа како и каде се трошат парите за владини реклами, а потоа да се продолжи со транспарентно објавување на сопствеништвото на медиумите“, вели Мир.

Ако до пред неколку години власта и владејачката партија ги поздравуваа извештаите на Репортери без граници, во последниве години, кога Македонија доживеа пад во однос на слободата на медиумите, оваа организација почна да се нарекува „соросоидна“. Кога му го кажавме ова на Мир, тој само се насмеа.

„Што да кажам на ова… Ние сме меѓународна организација и сме независни во однос на финансирањето. Нашите главни приходи доаѓаат од членарини и донации. Добиваме поддршка од фондации и тука не гледам ништо лошо, но најмногу приходи имаме од донации“, вели тој.

Во наредниве неколку дена него го чекаат уште средби со новинари. Тој вели дека ќе ги поддржи сите што ќе побараат помош во однос на слободата на медиумите.

„Тука сум за да ги поддржам новинарите во нивната борба за слободата на медиумите, бидејќи Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ, за жал се соочува со сериозни забелешки за слободата на медиумите и навистина ѝ се потребни опсервации во овој дел“, изјави Мир за БИРН.