Европарламентарците Едуард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл, известувачи на Европскиот парламент за спроведување на Договорот од Пржино излегоа со заедничка изјава во која го повикуваат претседателот Иванов да ја почитува волјата на парламентарното мнозинство и побараа политичка и криминална одговорност од одговорните за насилниот напад на Собранието од 27 април.
„Го повикуваме претседателот Иванов да ја почитува волјата на мнозинството во Парламентот и да престане со опструкциите на демократскиот пат и волјата на граѓаните да го видат крајот на кризата“, велат тие, наведувајќи дека секое понатамошно одлагање на формирањето на новата влада ќе води кон „неизбежни последици“.
„Го поздравуваме фактот што парламентарната демократија, отсликувајќи ја волјата на мнозинството во Собранието водеше до назначување на нов спикер, господинот Талат Џафери“, се вели во соопштението каде се додава дека тие очекуваат новиот спикер веднаш и целосно ќе ги преземе одговорностите во интерес на земјата и граѓаните на Македонија.
Тие ги осудуваат нападите врз демократски избраните пратеници, со што велат дека е нападната демократската волја на граѓаните, и очекуваат темелна официјална истрага. Освен политичка одговорност тие очекуваат и соодветни последици со цел да се спречат таквите недемократски активности.
Меѓу другото, европарламентарците очекуваат избор на нов премиер во наредните две седмици.
Тие ќе му препорачаат на Европскиот парламент одложување на гласањето за Извештајот за Македонија за две седмици, период во кој ќе се следи развојот на настаните.