Актуелно

Куманово ден по бејрутската ноќ

Автори: Мери Јордановска и Владо Апостолов

Пукотниците престанаа, стравот кај кумановци остана | Фото: МИА

Пукотниците престанаа, стравот кај кумановци остана | Фото: МИА

Куманово денеска ни оддалеку не наликуваше на градот со бејрутски сцени каков што го видовме вчера на телевизија за време на полициската акција во Диво Насеље. Утринава кумановци чуле пукотници, но траеле кратко и остатокот од денот мина без тензии, иако вознемиреноста се гледаше на лицата на граѓаните кои во мали групи излегоа на улиците, да испушат цигара и да дознаат што се случило со пријателите и со роднините што преноќиле будни и на нозе.

Во центарот на Куманово нема каде да се купи ниту вода, ниту храна. Катанци има на речиси сите продавници.

Катанци на продавниците, празни улици и полиција низ Куманово | Фото: М. Јордановска

Катанци на продавниците, празни улици и полиција низ Куманово | Фото: М. Јордановска

Работи само една чајџилница, од каде што сите порачуваат кафе.

„Само вие работите во близина“, го прашуваме газдата.

„А зошто да не работам? Ние тука со години живееме заедно. Од кого да се плашам“, ни вели тој додека го подготвува кафето.

Уличките во кои се пукаше или паѓаа бомби и каде загинаа осум полицајци не се во некоја приградска населба, сместена далеку од градот, местото е прилично близу до центарот.

Четири оштетени хермелини беа извадени од населбата во текот на денот | Фото: МИА

Четири оштетени хермелини беа извадени од населбата во текот на денот | Фото: МИА

До заби вооружените полицајци, застанати пред колоната од оклопни возила и денеска не дозволија влез во населбата. Оттаму одвреме навреме излегуваа камиони што носеа изрешетени хермелини со дупнати гуми, оклопни возила со кои полицијата повеќе од 24 часа го напаѓаше засолништето на терористичката група.

Пукотниците не го убија соживотот

Неколку стотици жители на Диво Насеље се собраа на раскрсницата од булеварот кој претставува природна граница на населбата. Тие велат дека населбата е многу слична на Гази Баба, малку е издигната над градот и низ неа минуваат змијулести тесни улички, дворовите им се оградени со високи бетонски ѕидови, арно ама оваа населба била двојно погусто населена од скопската.

Жителите чекаа дозвола за влез во своите домови | Фото: М. Јордановска

Жителите чекаа дозвола за влез во своите домови | Фото: М. Јордановска

Затоа стравуваат дека во акцијата имало цивилни жртви.

Меѓу луѓето што чекаа пред влезот во населбата беше и Идриз Синани, од Меѓународното здружение за човекови права. Семејството го оставил во Скопје, кај роднини, а тој се вратил во Куманово за да се обиде да влезе во својата куќа.

„Не знам во каква состојба ми е куќата, чекам да ме пуштат да влезам“, вели тој.

Ова е само лоша политика на Груевски и на Ахмети. Овде државата е полиција, на чело со Јанкулоска“, вели Санани | Фото: М. Јордановска

Ова е само лоша политика на Груевски и на Ахмети. Овде државата е полиција, на чело со Јанкулоска“, вели Санани | Фото: М. Јордановска

Санани, исто како и поголемиот дел од останатите жители со кои разговаравме, вели дека не забележал никакви раздвижувања пред полициската акција. Тој е убеден дека станува збор за монтиран случај.

„Монтиран случај е ова, исто како Сопот, исто како Монструм. Ова е само лоша политика на Груевски и на Ахмети. Овде државата е полиција, на чело со Јанкулоска“, вели тој.

Една од ретките жени која денеска стоеше пред влезот на населбата ни потврди дека нејзини роднини останале затворени во куќата.

„Тесни се патчињата нагоре, па полицијата не успеала да ги евакуира. Немаме никаков абер од нив, а знаеме дека горе нема струја, а и телефонските линии се исклучени“, ни рече таа, видно загрижена.

Според тврдењата на жителите, во населбата останале и бремени жени, а и мали деца. Полицијата не дозволувала тие да ги напуштат домовите додека не бидат сигурни дека теренот е чист.

Иако најголем дел од жителите на Диво Насеље се Албанци, сепак овие два дена надвор од своето огниште се и неколку семејства на Македонци. Еден од нив е 56-годишниот Зоран Николовски, газда на локално гранапче кој целиот живот го минал во тој дел од Куманово. Зоран, како и другите, чекаше да се расчисти теренот и да отиде дома по полициската акција на која бил сведок од самиот почеток.

„Вчера набрзина земавме документи, пари и избегавме. Ја оставивме отворена куќата“, вели Николовски.

Чул кога почнала акцијата. Сурфал на интернет доцна во ноќта кога некаде пред пет часот слушнал истрели.

„Бам-бам“, се обидува да долови нашиот соговорник.

Полициските екипи не дозволуваат влез во населбата додека не заврши увидот | Фото: МИА

Полициските екипи не дозволуваат влез во населбата додека не заврши увидот | Фото: МИА

И порано некој во тоа глуво доба ќе испукал куршум или два и заминувал. Затоа не се исплашил, сѐдодека не почнале рафалите. Неговиот прозорец гледа точно нагоре каде што се одвивала акцијата и видел полицаец во полесна униформа. Прво помислил дека бркаат некој дилер на дрога.

„Бегај внатре“, му рекол полицаецот кој стоел до неговиот дуќан во пет часот и триесет минути.

Се вратил дома, меѓутоа по два часа не го држеле нозете и излегол.

„Го прашав полицаецот, брате безбедно ли е, а тој ми рече ако мислиш да излегуваш, излегувај, бидејќи попладне ќе биде многу лошо“, раскажува Николовски.

Вистински се преплашил кога околу 11 часот му кажале дека има мртви полицајци.

Од вчерашната акција на полицијата: се евакуираа жени и бебиња од населбата | Фото: МИА

Од вчерашната акција на полицијата: се евакуираа жени и бебиња од населбата | Фото: МИА

„Ми текна и дека ќерка ми живее кај џамијата, таму е пострашно, а мажот не ѝ беше дома. Среќа еден роднина доаѓаше од тој крај, ја зема со двете внучиња и отидоа кај него на гости. Со жена ми спиевме во станот на синот, кој работи во странство“, вели Зоран.

Полицајците денеска му рекле дека излез има од Диво Насеље, ама влез нема. Тој вели дека никогаш немал проблем со соседите Албанци, напротив со нив најдобро живеел.

„Отворив драгстор и моите комшии Македонци од завист 18 години не пазареа кај мене, сѐ само Албанци ми беа муштерии. Тие да ме мразеа, никогаш немаше да влезат во дуќанот“, категоричен е жителот на Диво Насеље.

Животот продолжува

Кога го замоливме Зоран Николовски да го фотографираме, во кадарот се намести и неговиот сосед Мухамед Арифовиќ.

Зоран Николовски и неговиот сосед Мухамед Арифовиќ | Фото: В. Апостолов

Зоран Николовски и неговиот сосед Мухамед Арифовиќ | Фото: В. Апостолов

„Ако ми такво презимето, јас сум Албанец од Диво Насеље. Живеам една улица под онаа на Зоран, точно каде се пукаше. Избегавме околу 17 часот, а до тогаш се пукаше цел ден. Излегов со жена ми и со најстариот син, а најмалиот остана со брат ми. И мајка ми е таму, стара е жената“, вели Мухамед.

Жителите тврдат дека пред полициската акција, не забележале никакво раздвижување, ниту пак терористички групи.

Попладнево пред влезот на Диво Насеље дојде и градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски. Тој се обидел три пати да влезе во населбата, ама полицајците не му дозволиле бидејќи не било безбедно. Најголема грижа му била пречистителната станица за вода. Дамјановски е на чело на кризниот штаб кој ја зеде обврската да ги згрижи раселените кумановци, а подоцна и да ги санира штетите од дводневното пукање по улиците.

Градоначалникот Дамјановски дојде да ги посети жителите кои беа евакуирани, а долго време чекаа на влезот од населбата | Фото: М. Јордановска

Градоначалникот Дамјановски дојде да ги посети жителите кои беа евакуирани, а долго време чекаа на влезот од населбата | Фото: М. Јордановска

Во наредните денови градинките и училиштата нема да работат додека не се стабилизира ситуацијата.

Пред нашето заминување од Куманово во Диво Насеље влезе увидната екипа на полицијата со обвинител во колона од неколку цивилни возила. Се претпоставува дека ќе работат до доцна во ноќта.