Анализи

Македонија 2014: Изборите не нè извлекоа од ќорсокакот

Синиша Јаков-Марушиќ, Горан Ризаов

И со победата на изборите владејачките партии не успеаја да стават крај на продолжената политичка криза во годината во која во земјата се случија меѓуетнички немири, а заврши со најголемите студентски протести.

Годината започна во изборно расположение, со предвремени парламентарни и претседателски избори по кои следуваше бојкот на парламентот од страна на опозицијата | Фото; С. Ј. Марушиќ

Годината започна во изборно расположение, со предвремени парламентарни и претседателски избори по кои следуваше бојкот на парламентот од страна на опозицијата | Фото; С. Ј. Марушиќ

Продолжена политичка криза која започна со обвиненија за фалсификувани резултати од изборите, етнички мотивирани протести, неслободни медиуми и судови, без напредок во дводеценискиот спор за името, во кој Грција ги блокира евроатланските интегративни процеси. Истовремено, почеток на процесот за измена на Уставот во потрага по странски инвестиции, најава за нови даночни оптоварувања за полнење на празната каса на пензискиот фонд, како и наметнати реформи во сите степени на образованието кои предизвикаа масовни студентски протести.

Тоа се случувањата кои ја одбележаа годината која Македонија ја започна во изборно расположение, со паралелни претседателски и предвремени парламентарни избори закажани за во април.

Најголемата опозициска партија, СДСМ со Зоран Заев на чело, беше во трка да го собори премиерот Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ кој е на власт од 2006 година, тврдејќи дека ја претворил Македонија во авторитарна и корумпирана држава.

Како што се заостри кампањата во март, албанскиот партнер во коалицијата на власт ДУИ повика на консензуален кандидат, кого би го поддржале двете партии. Според нив, таков претседател подобро ќе ги претставува етничките Албанци, кои достигнуваат една четвртина од популацијата.

Откако ВМРО-ДПМНЕ ја одби идејата, ДУИ реши да ги бојкотира претседателските избори, додека целосно учествуваше во предвремените парламентарни избори.

Обвинение за фалсификат

Изборната битка која следеше беше бескрупулозна и во неа опозицијата го обвини премиерот Груевски за корупција и поткуп при продажбата на Македонска банка во 2004 година. СДСМ, исто така, ја обвини министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска за корупција и прифаќање донации во кеш. Двајцата ги негираа обвинувањата.

И покрај аудио снимката, на која наводно се слушаше гласот на премиерот Груевски како ја договара коруптивната зделка, Јавното обвинителство не покрена случај. Напротив, премиерот Груевски подоцна покрена граѓанска тужба за клевета против лидерот на опозицијата и победи. Заев беше осуден на глоба од 50.000 евра, која претходно изнесуваше половина милион евра, но една нула беше скратена.

Изборите ѝ донесоа уште една победа на партијата на Груевски, која ги зајакна своите позиции во Парламентот. Нивниот претседателски кандидат и дотогашен претседател, Ѓорѓе Иванов, беше повторно избран, победувајќи го неговиот главен ривал, Стево Пендаровски од СДСМ.

Во албанскиот блок, ДУИ ја потврди надмоќта над Демократската партија на Албанците (ДПА). Иако изборите поминаа мирно и беа оценети како добро спроведени, самиот изборен процес покрена голема загриженост.

„Не беа исполнети битни заложби на ОБСЕ, вклучувајќи го одвојувањето на државата од партијата, обезбедувањето еднакви правила на игра, неутралноста на медиумите, точноста на избирачкиот список и можноста за надомест преку процедурата за жалби“, изјави Герт Аренс, претседателот на мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР.

Изборите ѝ донесоа уште една победа на партијата на Груевски, која ги зајакна своите позиции во Парламентот

Опозицијата, пак, објави дека нема да ги заземе местата во парламентот по изборите, обвинувајќи ја Владата за фалсификувана победа. Тие посочија дека Министерството за внатрешни работи манипулирало со гласачкиот список и издавало лажни лични карти и адреси на луѓе кои подоцна беа придружувани да гласаат со цел да ја зголемат разликата во корист на Владата. Полицијата ги отфрли тврдењата.

Во ноември истата година, неделникот „Фокус“ објави снимки од украдена машина за печатење патни исправи. На снимките можеа да се видат повеќе македонски пасоши наредени во агол на една просторија. Министерката за внатрешни работи ги отфрли обвиненијата дека со оваа машина можеле да се произведат исправи со чија помош навистина би се фалсификувале изборите. Беше најавена разврска на случајот, но до крајот на годината тоа не се случи.

Сепак, отсуството на 33 опозициски пратеници од Собранието со 123 места, не ја запре неговата работа, иако политичката криза лошо се одрази на веќе блокираниот евроатлански интегративен процес. По изборите, Брисел правеше напори да ги седне на една маса двете страни на преговори, но беше одржан само еден состанок меѓу Груевски и Заев, во јуни. Заврши безуспешно.

Етнички предизвикани протести

Од протестите за случајот „Монструм“ во јули кога повеќе илјади етнички Албанци се судрија со полицијата во Скопје

Од протестите за случајот „Монструм“ во јули кога повеќе илјади етнички Албанци се судрија со полицијата во Скопје

Додека во парламентот продолжи кризата, се појавија проблеми на друг фронт. Во мај, активисти за заштина на човекови права ја обвинија полицијата за користење прекумерна сила за враќање на редот и мирот во општина Ѓорче Петров во Скопје. Претходните два дена имаше протести на етничка основа предизвикани од убиство на млад Македонец.

Проблемите започнаа откако медиумите објавија дека осомничениот за убиството на 18-годишното момче е Албанец.

Наводно, Ангел П. бил избоден до смрт откако го престигнал и влегол во физичка пресметка со човекот кој му го украл велосипедот. Полицијата наскоро го уапси осомничениот Насер Е. Потоа, уште десетина луѓе беа уапсени, а неколкумина полицајци беа повредени, беа демолирани и запалени повеќе дуќани и автомобили во протестите против етничките Албанци.

Во јули се случи уште една етнички предизвикана бура во општина Чаир. Овој пат, Албанците ја играа главната улога во најостриот етнички мотивиран протест во Македонија во последната декада.

На почетокот на јули повеќе илјади етнички Албанци се судрија со полицијата во Скопје на протестот против апсењето на осомничените муслимански екстремисти кои беа осудени на доживотни казни затвор за убиство на етнички Македонци во 2012 година.

Беа забележани повеќе бркотници меѓу полицијата и демонстрантите откако тие ја нападнаа зградата на скопскиот Основен суд, а полицијата одговори со солзавец, шок бомби и водени топови. МВР подоцна изјави дека 20 полицајци и неколкумина демонстранти се повредени.

Демонстрантите ги отфрлија доживотните казни за шестмината обвинети Алил Демири, Ефрим Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута за убиство за петмина етнички Македонци во 2012 година, во случајот кој ги подгреа етничките тензии во земјава. Судот го одби обвинението дека нивната цел била да предизвикаат етнички судири слични на оние во 2001 година.

Нема напредок ниту кон ЕУ, ниту во спорот за името

За време на една од ретките посети на грчки политичар, во февруари, вицепремиерот на јужниот сосед, Евангелос Венизелос, даде искра надеж за можно решение на спорот за името кој трае повеќе од две децении.

„Добив впечаток дека Владата, политичкиот систем и граѓанското општество во Скопје се подготвени да учествуваат во дијалог не само за прашањето за името туку и за надградбата на билатералната соработка“, рече Венизелос.

Но, тоа беше сè.

Медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц и министерот за надворешни работи Никола Попоски на средба во Скопје | Фото: МНР

Медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц и министерот за надворешни работи Никола Попоски на средба во Скопје | Фото: МНР

До крајот на годината, медијаторот на Обединетите нации во спорот за името меѓу Грција и Македонија, Метју Нимиц, не даде нов предлог за компромис.

На неколкуте средби со обете страни, беше разговарано за предлозите кои беа ставени на маса во април 2013 година, а го вклучуваа името „Горна Република Македонија“. Сепак, немаше напредок.

Во октомври, Европската комисија ја објави шестата по ред препорака за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Но, поради нерешениот спор со Грција за името, и по приговор на Атина, Европскиот совет на самитот во декември ја одложи расправата за апликацијата за членство на Македонија за 2015 година и не ја прифати препораката за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

И Европската комисија и Европскиот совет изразија загриженост за политизираната администрација и недостигот на политички дијалог меѓу партиите во Македонија. Тие, исто така, посочија дека Македонија назадувала во поглед на слободата на изразување и независноста на судството.

Уште една закана за евроинтеграцијата претставува и започнатата процедура за промена на Уставот. Еден од амандманите предвидува формирање на т.н. слободна финансиска зона во земјата во која нема да важи домашното казнено право. Венецијанската комисија во специјален извештај предупреди дека плановите за измена на Уставот не се во согласност со Европската конвенција за човекови права, особено формирањето финансиска зона.

Но, вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, ја бранеше идејата тврдејќи дека таа ќе биде по примерот на Луксембург и Дубаи, а нема да претставува уште една „оф-шор“ зона како што тврдат некои финансиски експерти, вклучувајќи го и ексгувернерот Петар Гошев.

Новинарската борба за слобода продолжува

Во борбата за медиумски слободи, продолжува правната битка на новинарот Томислав Кежаровски, кој во домашен притвор чека Апелацискиот суд да му ја соопшти веќе донесената одлука за неговата жалба за пресудата што предвидува да лежи 4,5-годишна затворска казна.

Томислав Кежаровски во домашен притвор чека Апелацискиот суд да му ја соопшти одлуката која е веќе донесена | Фото: Архива

Томислав Кежаровски во домашен притвор чека Апелацискиот суд да му ја соопшти одлуката која е веќе донесена | Фото: Архива

Кежаровски помина шест месеци зад решетки, а потоа му беше дозволен домашен притвор. Тој во октомври 2013 година беше обвинет за откривање на идентитетот на наводен заштитен сведок во случај на убиство. Текстот за кој е обвинет е објавен во 2008 година, а во него Кежаровски посочува дека полицијата може да мести лажни сведоци.

Во октомври Меѓународната федерација на новинари и Европската федерација на новинари побараа од властите да обезбедат дека сите обвиненија против Кежаровски ќе бидат повлечени „за да можат правдата и слободата на говорот да надвладеат“.

Во декември судијата на Апелацискиот суд во Скопје, Сафет Кадриу, изјави за БИРН дека одлуката за жалбата на Кежаровски е донесена, но мора да биде формално верификувана пред да се објави. Се очекува да се обелодени за помалку од еден месец.

Студентите против државниот испит

Во последните три месеци од годината се случија најмасовните студентски протести во историјата на независна Македонија против владините планови за измена на Законот за високо образование. Нивната намера наводно е да го подобрат квалитетот на високото образование.

Законот веќе го помина првото читање во парламентот, а веќе на осми јануари ќе продолжи процедурата со второ читање во собраниските комисии. Измените предвидуваат студентите да полагаат државен испит два пати во текот на студирањето, тој да биде пренесуван во живо на интернет, а резултатите да ги прегледува 11- члена комисија.

Владата продолжи со процедурата за воведување на државен испит, а студентите најавија уште протести и можен бојкот на предавањата | Фото: С.Ј. Марушиќ

Владата продолжи со процедурата за воведување на државен испит, а студентите најавија уште протести и можен бојкот на предавањата | Фото: С.Ј. Марушиќ

На почетокот на декември над 12.000 студенти се спротивставија на ваквите планови на Владата. Студентите кои протестираат се главно од најстариот универзитет во земјата, државниот „Св. Кирил и Методиј“ и тврдат дека измените се неуставни и претставуваат закана за автономијата на универзитетот.

Владата, сепак, одби да ги повлече измените на законот, обвинувајќи ја опозицијата за организирање на протестите. Студентите најавија уште протести и можен бојкот на предавањата ако нивните барања се игнорираат.

Ним им се приклучија и повеќе стотици професори, кои најавија дека ќе останат со своите студенти „до крај“, а добија и недвосмислена поддршка од десетици реномирани професори од странство, меѓу кои и еден од најславните филозофи на денешницата, Славој Жижек.

Економијата расте, инвестициите паѓаат

На економски план, раст на индустриското производство беше забележан од страна на Државниот завод за статистика во текот на целата година. Последните податоци велат дека од јануари до ноември индустриското производство пораснало за 5,2 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Производството расте во последните 15 месеци. Народната банка на Македонија предвидува од 2015 до 2017 година земјата да бележи просечен раст на индустриското производство од 4,8 отсто на годишно ниво.

Сепак, и покрај тоа што Македонија е рангирана како најдобра земја во регионот за водење бизнис, странските директни инвестиции (СДИ) паднаа во 2014 година во споредба со претходната.

Во првите осум месеци од 2014 година, според НБМ, Македонија привлекла странски директни инвестиции вредни 176 милиони евра, што е за 11 милиони евра помалку од лани.

А претходната 2013 година, Македонија привлекла само 251 милион евра во СДИ, што е најлош резултат во регионот, помалку и од Косово каде што се влеале 259 милиони евра.

Зголемувањето на давачките за 25 отсто за договорите на дело и авторските договори покажува дека и покрај растот на производството, ситуацијата во економијата не е розова. Имено, од први јануари хонорарците во земјава ќе плаќаат придонеси исто како да се вработени, но нема да ги добијат истите права.

Од утре хонорарците во земјава ќе плаќаат придонеси исто како да се вработени, но нема да ги добијат истите права. Поради оваа измена веќе се организираа протести, но Владата најави дека ќе продолжи со нивната примена. Со повеќе давачки ќе бидат оптоварени од 100 до 200 илјади лица, а според буџетот за 2015 година се очекува приходите да се зголемат за околу 70 милиони евра

Поради оваа измена веќе се организираа протести, но Владата најави дека ќе продолжи со нивната примена. Со повеќе давачки ќе бидат оптоварени од 100 до 200 илјади лица, а според буџетот за 2015 година се очекува приходите да се зголемат за околу 70 милиони евра.

Македонија влегува во година која многумина ја сметаат за клучна година во која ќе се случи разврска на многу наизглед нерешливи проблеми.