По критиките од Брисел, Македонија се подготвува да стави крај контроверзниот процесот на лустрација, чија цел беше искоренување на поранешните соработници на тајната служба, сметајќи дека мисијата е завршена.
Пратеници од владејачките партии, во понеделникот, поднесоа предлог закон до парламентот, од 1 септември да престане да важи законот за лустрација.
Во предлог законот, кој многу веројатно дека ќе биде усвоен, се вели дека Комисијата за верификација на фактите, државна институција за искоренување на поранешните соработници на тајната служба, ја завршила својата работа, што значи дека законот ја остварил целта.
Овој предлог доаѓа во време кога Брисел упати силни критики на процесот на лустрација.
Во јуни, како дел од напорите на ЕУ за решавање на политичката криза која произлезе по тврдењата за масовно прислушување, Европската комисија ѝ предаде на Македонија извештај што содржи долг список на реформи.
Меѓу останатите препораки, со извештајот се бара од властите „ревизија/укинување на законот за лустрација и неговата имплементација“, при што се нагласува дека „како основа за лустрацијата биле користени идеолошки или партиски причини“.
Критиките од Брисел доаѓаат откако прислушуваните разговори што ги објави опозицијата, сугерираат дека владата на Груевски, се мешала во процесот на лустрација.
Сепак, претседателот на комисијата за лустрација, Томе Аџиев, кој минатата година беше реизбран на чело на ова тело, со мандат до 2019 година, тврди дека нејзината работа е чиста и фер. Извештајот на Брисел се базира „на редуцирани податоци“, рече тој.
Додаде дека и покрај кампањата на непријателите на лустрацијата, процесот не бил користен за политичка одмазда против владините противници, и оти тој ќе заврши во следните неколку месеци, како „историска придобивка за сите граѓани на земјава“.
Македонија ги следи стапките на многу поранешни комунистички држави, кои имаат донесено слични закони и процеси за лустрација, како начин за решавање на неправдите од минатото, кои произлегоа од политички мотивирани судски постапки.
Но, уште од самиот почеток на работата на Комисијата во 2009 година, целиот процес го следат контроверзии.
Опозицијата тврди дека процесот на лустрација се злоупотребува против критичарите на владата и во 2012 година, таа, во знак на протест, ги повлече двајцата свои членови од комисијата.
Досега Комисијата за лустрација има прочешлано илјадници тајни досиеја, а над 200 лица беа прогласени за поранешни соработници. Според законот, на овие лица им е забрането да работат во државните институции.
Некои од нив, како поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Јовановски, сега ја тужат државата пред меѓународните судови за човекови права.