Регион

Меѓународна потерница по поранешниот албански главен обвинител

Адријатик Лала | Фото: ЛСА

Албанското специјално обвинителство против корупција и организиран криминал, СПАК, потврди за БИРН дека издало меѓународна потерница за поранешниот Главен обвинител, Адријатик Лала, кој е на непозната локација.

Педесет и двегодишниот Лала беше осуден на две години затвор во мај поради прикривање богатство проценето на еден милион евра. Пресудата беше потврдена во септември од Специјалниот суд против корупција и организиран криминал.

По пресудата, адвокатот на Лала изјави дека тој бил „примен во болница“, но не кажа во која. Медиумите објавија дека тој не е во Албанија.

Полицијата ја пребаруваше неговата куќа во Тирана за да ја изврши судскатапресуда, но откако по две недели потрага во Албанија не се најде ништо, беше издадена меѓународна потерница.

Нејасно е зошто Албанија не побара порано од Интерпол да издаде меѓународна црвена потерница за неговото апсење, бидејќи од државниот Целосен систем за менаџирање информации (ТИМС) можело да се види дали тој ја напуштил државата.

Кога БИРН ја праша полицијата на 24 септември дали имало доцнења, доби половичен одговор дека до тогаш меѓународната потерница не била издадена „поради процедура “.

Лала е еден од највисоките функционери во државата за кого беше утврдено дека е виновен за сериозни кривични дела.

Тој беше избран за Главен обвинител во 2012 година и ја напушти позицијата во 2017, кога му заврши петгодишниот мандат.

Во последните денови додека беше на функцијата, американскиот амбасадор во Тирана Доналд Лу го обвини дека е „непријател“ на правосудните реформи во Албанија, кои предвидуваа ветинг за судиите и за обвинителите за да се искорени корупцијата и да се откријат незаконски скриени имоти. САД му забранија на Лала влез во земјата во 2018 година поради сомневања за вмешаност во корупција.

Фјори Синорука