Останато

Миливој Петковиќ со писмо од затвор жали за злосторствата

Мeѓународен суд на правдата во Хаг

Петковиќ, до претседателот на ММКТ, испрати писмо од затворот во Белгија, во кое вели дека ја прифатил својата 20-годишна затворска казна и изразува жалење за злосторствата извршени врз Бошњаците за време на војната во Босна и Херцеговина.

„Денес, осум години од првостепената пресуда и четири години од конечната пресуда, морам да ви кажам, господине претседателе, но и на сите други, дека ја прифаќам мојата пресуда и лична одговорност за моите постапки или пропусти, што доведоа до извршување на злосторствата за кои бев осуден. Ја прифаќам и казната што ја издржувам“, вели Петковиќ во писмото, испратено на 30 август, а објавено вчера.

„Нема оправдување или изговор за сторените злосторства. Затоа чувствувам искрено каење и изразувам, и во оваа прилика, длабоко сочувство до сите жртви, припадници на бошњачкиот народ, на нивните роднини и пријатели. Чувствувам човечка потреба да го кажам ова, иако сум свесен дека моето жалење и изразите на сочувство, им даваат мала утеха на оние што ги загубија своите најблиски“, вели Петковиќ во своето писмо.

Тој додава дека признавањето на злосторствата и изразувањето „искрено каење и сочувство“ до семејствата на жртвите е „единствениот начин за помирување, зачувување на мирот и соживотот меѓу народите во Босна и Херцеговина и поранешна Југославија“.

„Се надевам дека оваа моја изјава ќе придонесе барем малку за таа цел“, пишува тој.

Во ноември 2020 година, одбраната на Петковиќ побара од ММКТ да му се одобри предвремено ослободување, истакнувајќи дека тој ќе ги исполни условите за тоа откако ќе отслужи две третини од казната во февруари 2021 година.

Одбраната, во поднесокот доставен до ММКТ вчера, побара писмото на Петковиќ „да се земе предвид при оценување на неговото барање за предвремено ослободување“.

Петковиќ е еден од шесте политички и воени водачи на воената таканаречена Херцег-Босна, кои во март 2017 година беа прогласени за виновни за злосторства над бошњачкото население, извршени во 1993 и 1994 година.

Тие беа осудени на вкупно 111 година затвор за учество во заеднички злосторнички потфат, кој вклучува протерувања, убиства, незаконски притвори, нехуман третман и уништување на имот.

Меѓу нив беше и Слободан Праљак, кој испи отров во судницата додека му се читаше пресудата. Тој почина кратко потоа.

И Бруно Стојиќ, поранешен министер за одбрана на Херцег-Босна, кој беше меѓу осудените лица, исто така, поднесе барање за предвремено ослободување минатата година, а неговата одбрана соопшти дека тој  покажал каење.

Претседателот на ММКТ, Кармел Агиус, отфрли неколку барања на хашки осуденици за предвремено ослободување, со образложение дека тие не покажале знаци на рехабилитација.

Emina Dizdarevic