Интервјуа

Мисини: Груевски ја има моќта да стави крај на бегалскиот хорор во Македонија

Аналитичарот и НВО-активист Суад Мисини веќе четврти ден штрајкува со глад спроти Собранието, а планира да го радикализира протестот и да не пие вода. Бара похуман третман на мигрантите во Македонија и нивна заштита. Вели дека ќе оди до крај, а властите ако не реагираат, само ќе докажат дека живееме во канибалистичко општество.

Мисини: Тука сум за да им покажам како преживуваат бегалците / Фото: БИРН

Мисини: Тука сум за да им покажам како преживуваат бегалците / Фото: БИРН

Во скопскиот Жена парк, спроти македонското Собрание, речиси еден месец кампуваат поддржувачите на власта распоредени во десетина шатори. Утрово неколкумина од нив мрзливо се протегнуваа на викенд столчињата, а човек со црвена баретка на главата им вареше кафе.

На дваесетина метри од нив го најдовме активистот и аналитичар Суад Мисини, седеше на мермерните скали зад позлатената статуа на Прометеј. Тој со себе има само две торби со облека, влажни марамчиња и шише со вода. Четврти ден протестира со глад за да ги притисне властите итно да им помогнат на мигрантите кои секој ден минуваат низ државава.

„Не, немам шатор, се покажа дека може да се спие и на клупите. Не сакаат да ги видат мигрантите, па нека ме гледаат мене. Тука сум за да им покажам како преживуваат бегалците“, вели Мисини.

Не се подготвувал и не се информирал посебно за ова искушение, едноставно во еден момент сфатил дека нема време за чекање. Целиов период е само на вода, пие и домашни сокови, иако завчера го „зафркнале“ пријателите, испил кафе со нив.

Здравјето го одржува пиејќи минерали.

„Штрајкот со глад е како и секое патување, не знаеш што те чека по пат. Ме изненади тоа што луѓето постојано ми приоѓаат, изразуваат поддршка. Мислев дека ова ќе биде малку поинтимна приказна.“

Добро се држи, иако понекогаш го фаќа главоболка. Уморот побрзо го стигнува и затоа секоја вечер заспива сè порано, додека денот го минува на тревникот под споменикот на Првото заседание на АСНОМ.

Нема проблем со камперите, му прават муабет на различни теми, меѓутоа главно го поддржуваат. Единствено не сакале новинарите да го искористуваат него за да го снимаат кампот.

„Имаме добра кохабитација“, вели по малку на шега Мисини.

Правичноста се мери со односот кон најслабите

„Степенот на правичност на едно општество се мери со односот кон најслабите. Ако ја видите државата дека се однесува насилно кон најнезаштитените, можете да го процените степенот на правичност и кон другите групи на граѓани. Тој показател е неверојатно прецизен“, вака Суад Мисини објаснува зошто токму за овој проблем решил радикално да дејствува.

Друга причина за протестот, како што вели тој, е тортурата која ја преживуваат мигрантите во Македонија, дури и од луѓето во униформи.

„Многу е тешко да се докаже тоа, има жртви кои се заминати и не сакаат да сведочат, ама сето тоа е вистина. Имало силувања и во центарот во Гази Баба, таму имаше камери, а денес ги нема. Мора да се реагира и затоа што бегалците ќе почнат да умираат од топлотен удар, наместо од возови.“

Директен повод за гладувањето е состојбата на луѓето во полицискиот центар во Гази Баба.

„Капацитетот на центарот е 100 и нешто места, а сега таму има речиси 500 луѓе. Објектот не се одржува. Има луѓе што спијат и јадат практично до местото каде што вршат нужда.“

Неговиот Истражувачки центар за граѓанско општество веќе 11 години работи на правниот аспект од проблемите на бегалците. Меѓутоа, во моментов Мисини има три конкретни барања:

Да се затвори центарот за мигранти во Гази Баба, полицијата да ги заштити бегалците на територијата на Македонија и законот да им овозможи слободно да користат јавен превоз.

„Сега и ако имате најдобра намера, да помогнете, ако сакате бесплатно да ги превезете мигрантите, ќе заглавите со години в затвор, зашто превезувате луѓе кои илегално влегле во државава“, предупредува Мисини.

Тој потенцира дека проблемот со бегалците е навистина сложен. Ако државата не реагира и само ги пропушта, постои можност Европската Унија да ја обвини Македонија за поттикнување на миграцијата и да ни се закани со укинување на визната либерализација.

„Сепак, има можност формално да се покриеме и во исто време да им овозможиме на бегалците безбедно да поминат“, вели Мисини.

Тој предупредува дека во актуелните законски промени, кои утре треба да се најдат пред пратениците, има две „нагазни мини“. Прво процедурата дава можност мигрантите кога ќе изјават намера за азил да бидат спроведени во Центарот за азиланти во Визбегово, а не само да продолжат надвор во предвидениот рок од 72 часа, како што е случајот во Србија.

Вториот проблем е што со измените му се дава многу долг период од шест месеци на МВР да го состави формуларот кој треба да го пополнуваат бегалците.

„Сѐ би се сменило само со две најобични мерки кои би овозможиле слободен пристап до јавен превоз на мигрантите и нивна заштита од бандитите. Крај!“

Мисини бара од Груевски итно да го затвори Центарот за мигранти во Гази Баба / Фото: БИРН

Мисини бара од Груевски итно да го затвори Центарот за мигранти во Гази Баба / Фото: БИРН

Власта да докаже дека не сме општество на канибали

Третото барање на Мисини е ослободување на бегалците од полицискиот центар и затворање на објектот во Гази Баба.

„Ова барање не е трето по важност, во оваа секунда тоа е најбитно, ама токму за него нема никаков фидбек од никаде.“

Затоа Суад на Фејсбук напиша дека му дава на премиерот Никола Груевски рок од 24 часа, да излезе и да каже дали има планови со центарот во Гази Баба. Да каже што било. Ако Груевски не го стори тоа, револтот на Мисини од протест со глад ќе се претвори во тотален штрајк и тој ќе престане да пие вода.

„Ако Груевски сака на својата колекција од трофеи да става уште човечки животи, очигледно ќе ги става. Му се обраќам како на суштински најмоќниот човек во државава. Тој жари и пали. Може да каже дали законот ќе се носи во среда или во понеделник, тој може да каже дали ќе се гласа по скратена или по нормална постапка и тој може да каже пуштете ги луѓето и затворете го центарот или да рече оставите ги да умрат.“

Суад Мисини сака да докаже оти не живееме во канибалско општество, меѓутоа не може сам да го стори тоа.

„Ми требаат тие (н.з. власта). Јас сум тука, не да ги потсетам туку да им врескам пред очи и пред уши дека мора веднаш да излезат и да докажат дека ние не сме канибалско општество. Ако ме остават да одам до крај, ќе го докажат спротивното. Which is fine. Нека биде така!“