Интервјуа

Мехмети: Го видовме зенитот на Груевски, потребен ни е нов премиер

Пратеничката на ДУИ Ермира Мехмети откако се врати од студискиот престој во САД со сиот арсенал „пука“ по коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ. Смета дека нејзината партија е подредена во коалицијата и дека понатамошната соработка е невозможна.

Неиздржливо е да продолжи соработката со ВМРО-ДПМНЕ / Фото: БИРН

Неиздржливо е да продолжи соработката со ВМРО-ДПМНЕ / Фото: БИРН

Гласот на Ермира се слуша уште во долгиот собраниски ходник, зад вратата на нејзиниот кабинет, бидејќи во три часот попладне нема жива душа во Парламентот откако опозицијата го бојкотира законодавниот дом. Мехмети лежерно разговараше со соработничките кои ги испрати непосредно пред нашиот разговор.

Во широкиот кабинет има доволно докази дека канцеларијата ѝ припаѓа на долгогодишната пратеничка на ДУИ, како што се врамените фотографии на ѕидот, меѓу кои една и со лидерот Али Ахмети, но просторијата истовремено е и доволно празна и со тоа сведочи за нејзиното подолго отсуство од Македонија.

Неодамна се врати од студиски престој во Вашингтон, девет месеци престојуваше на Универзитетот „Џорџ таун“ за да ја стекне докторската дисертација по меѓународно признавање на држави. Не ни носи готово решение за проблемот со името, ама убедена е оти решение за политичката криза е оставката на премиерот Никола Груевски.

Свесна е дека ДУИ можеле да го спречат „хаосот во кој се наоѓаме“, меѓутоа засега само нејзиниот глас се слуша од кулоарите на матичната партија.

ДУИ требаше посилно да реагира по снимките за „Сопот“

„Никој не верува во тоа, ни самите протагонисти во снимките не веруваат дека разговорите се монтирани. Зборуваме дали веруваат, друго е тоа што изјавуваат“, вака Мехмети ја коментира тезата дека Заев интервенира во телефонските разговори кои ги објавува.

За Куманово има премногу контроверзи
Ермира Мехмети во моментов не сака да зборува за случувањата во Куманово.
„Има премногу контроверзи за јас да коментирам, не сум експерт за безбедносни прашања. Во моментов слушаме премногу шпекулации и тешки обвинувања. Треба што поскоро да почне заедничка истрага на Македонија и на Косово.“
За случајот „Монструм“ потенцира дека има повеќе нејаснотии и оти обвинетите и понатаму тврдат дека имаат алиби. Ѝ пречи што во овој случај покрај етничкиот, бил вмешан и уште почувствителниот верски момент.

Доказ за тоа, вели таа, е дека муабетите кои ги слушаме се спонтани, природни, дијалогот тече и кога има моменти на триумфализам во тој дух е и реакцијата на соговорникот.

„Би било супермаестрално такво нешто да се монтира.“

„Бомбите“ ѝ откриле до кој степен е прекршена линијата на поделеност меѓу партијата и државата, а кога се зачудивме што толку очигледна работа изненадила пратеничка од власта, таа одговори:

„Не верував дека е до тој степен, можеби не сакав да верувам! Тоа не можете да го знаете, освен ако не го чуете на тој начин“, заклучи таа.

Ја шокирала снимката во која се говори за осудените во случајот „Сопот“, бидејќи во дијалогот меѓу експолициските функционери Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков има признание дека невини се држат во затвор.

„Констатациите на соговорниците се најдраматичниот доказ кој покажува до кој степен забораваме дека, сепак, кон граѓаните имаме должност и одговорност“, констатира пратеничката.

Очекувала поголема реакција од ДУИ за содржината на оваа снимка.

„Не можам да проценам дали поради принципиелниот став за транспарентна истрага околу прислушувањето, ние се воздржавме од реакција или некоја друга е причината. Очекував и се надевав дека ќе има погласна реакција“

ВМРО-ДПМНЕ арогантно доминира

Многу е навредена од снимките во кои Албанците се нарекуваат „диво племе“ и „Индијанци“ и поради нив на Фејсбук побара Груевски да даде оставка, а нејзината партија да ја напушти коалицијата.

Гласот на ДУИ не бил доволно силно слушнат во Владата и затоа нејзината партија страдала и плаќала преголема цена.

На нашата констатација дека баш и не изгледа дека ДУИ трпи и оти повеќе личи дека си го дели „колачот“ со ВМРО-ДПМНЕ, како на снимката во која Муса Џафери и Сашо Мијаков делат претседателски места во судовите, Мехмети смета дека снимките што сме ги чуле досега покажале нешто сосема друго.

„Напротив, снимките покажуваат една арогантна доминација. Има сериозни недоследности во начинот како функционира оваа Влада и мислам дека е неиздржливо да продолжи оваа соработка“, вели Мехмети.

Проблемот е, смета таа, доминантниот стил на владеење на Груевски.

„Тој има тешкотии да разбере зошто е потребен меѓуетнички дијалог, има проблем да разбере зошто е потребен дијалог со опозицијата, има проблем да разбере зошто е потребен дијалог со медиумите, зошто е потребно независно судство, зошто невладиниот сектор има граѓанска должност да го критикува работењето на Владата и да придонесе во демократскиот амбиент.“

Таа е уверена дека земјата не се движи напред и дека се поткопани сите демократски институции, медиумите, судството и невладиниот сектор. Чувствува одговорност, бидејќи долго време е дел од власта и токму затоа јавно проговорила.

„Безмалку сите Албанците го споделуваат чувството на разочараност од начинот како ВМРО-ДПМНЕ го разбира соживотот“, смета народната избраничка.

Албанската заедница е без опозиција

Транзициска влада со чист мандат да организира избори / ФОТО: БИРН

Транзициска влада со чист мандат да организира избори / ФОТО: БИРН

Не верува дека ДУИ се плаши да излезе од Владата туку нејзин впечаток е дека изборот на лидерот Ахмети е да не бранува дополнително.

„Во моментов, со право, различни инцијативи се обидуваат да го придобијат теренот, меѓутоа не е дозволиво да кокетираат политички со некои безбедносно чувствителни ситуации. Албанската заедница во моментов е без опозиција, така што е добро да има поинакви размислувања“, вели Ермира Мехмети.

Кога ја прашавме што мисли за начинот на кој беа спроведени претходните изборни циклуси, таа во одговорот се наврати на „бомбите“ на Заев.

„Ако полицијата, која треба да го чува јавниот ред и мир отстапува канцеларија за да функционира како партиски штаб, мислам дека нема повеќе простор да дискутираме за тоа какви биле изборите“, децидна е пратеничката.

Според неа не е случајно тоа што еврокомесарот Јоханес Хан по преговорите меѓу власта и опозицијата го искористи терминот „транзициски период“.

„Мислам дека транзициската влада ќе има чист мандат да обезбеди мирен транзициски период, организирање избори и транзиција на власта без разлика кој ќе победи. А таа нова гарнитура која ќе произлезе по изборите, таа веќе ќе го има тој товор да го среди овој хаос.“

За неа неприфатливо е Груевски да биде премиер на оваа транзициска Влада.

„Мислам дека Република Македонија има потреба од нов премиер. Го видовме зенитот на господинот Груевски, не секогаш во најдобро светло за сите граѓани, но мислам дека помина моментот на зенитот.“