Вести

МВР: Нема кампови за бегалци, туку нов објект за постојниот центар

Документот за градење Прифатен центар кој протече на социјалните мрежи

Министерството за внатрешни работи тврди дека во Македонија нема да се градат кампови за бегалци, туку нов објект за постоечкиот Прифатен центар за странци, кој се наоѓаше во Гази Баба и функционираше од 2005 година.

Реакцијата следува откако во последниве денови, на социјалните мрежи и во некои медиуми се проширија информации дека во земјава ќе се градат кампови за бегалци, а протекоа документи од Агенцијата за планирање на просторот во кои се вели дека се изготвува урбанистичко – планска документација за изградба на Прифатен центар за странци во населбата Бардовци во општина Карпош.

„МВР ги отфрла инсинуациите и шпекулациите во јавноста за градење на бегалски кампови во Република Македонија. Потенцираме дека во претстојниот период ќе се гради само нов објект за постоечкиот Прифатен центар. Средствата се обезбедени од ЕУ, преку ИПА 2016 програмата „Миграции и азил, гранично управување и борба против тероризмот и организираниот криминал“, велат за БИРН од МВР.

Мијалниците во постојниот Прифатен центар во Гази Баба | Фото: Архива

Оттаму тврдат дека во моментов Прифатниот центар е сместен во објект во општината Гази Баба и е целосно некомпатибилен за намената.

„Во претходните години, иако повеќе пати беа реализирани градежни зафати за подобрување на условите за сместување, овој објект и понатаму не може да одговори на потребите за обезбедување на неопходните стандарди за сместување на странци, особено за ранливите категории на лица –жени, деца, лица со посебни потреби“.

Европскиот Комитет за превенција од тортура и нехумано однесување или понижувачко постапување во рамките на нивната посета спроведена во периодот од 6-17 октомври 2014 година во прелиминарните опсервации констатирaше дека овој центар е во исклучително лоша состојба. Поради лошите услови, долго време во овој центар се забрануваше влезот на невладините организации, како што е Хелсиншкиот комитет за човекови права, а имаше дојави и дека лицата кои се сместени внатре често штрајкуваат со глад барајќи достоинствен третман. 

Со наслов „Ургентна акција“, меѓународната организација „Амнести Интернешнл“ во февруари 2015 година упати сериозен апел до македонските надлежни институции за решавање на проблемот со условите во кои се сместени мигрантите во Гази Баба.

Соопштението на Амнести Интернешнл за состојбите во Прифатниот центар во Гази Баба

„Согласно европските директиви, Република Македонија е должна да обезбеди соодветни стандарди  на сместување на странци кои ги исполнуваат условите да бидат сместени во објект од ваков карактер“, велат од МВР.

Инаку во овој Прифатен центар се сместуваа сите странци кои ќе бидат фатени како нелегално преминуваат на територијата на Македонија. Доколку тие побараат азил, се носат во Центарот во Визбегово, кој е под надлежност на Министерството за труд и социјална политика.

Во моментов, во Прифатниот центар за странци во Гази Баба, кој е под надлежност на МВР, сместени се 20 лица. Тие можат најдолго една година да останат во овој центар. 

Податоците од полицијата говорат дека од јануари до мај годинава 90 лица побарале азил, а во истиот период, правото на азил им е одобрено само на двајца бегалци.