Околу 200 студенти се собраа пред Ректоратот при Универзитетот „Св.Кирил и Методи“ и побараа поддршка за укинувањето на екстерното тестирање што го предлага Министерството за образование
„Ние имаме само една книшка – се вика индекс!“, „Не го силувајте образованието, и онака е истрауматизирано“, „Образованието е право, а не привилегија“ беа само дел од транспарентите кои в раце ги држеа студентите на денешниот протест против екстерното тестирање. Тие велат дека имаат поддршка од своите професори, а денеска побараа поддршка и од Сенатот, кој во тоа време одржуваше седница.
Денешниот собир беше организиран од неформалната иницијатива на студенти „Студентски пленум“.
Со извикување пароли „Доста беше молк“, студентите се обратија до Сенатот, за да застане зад нив во барањата да се укине предлогот на Министерството за екстерно тестирање.
Дел од студентите присуствуваа на седницата на Сенатот, а останатите чекаа пред зградата на Ректоратот. Некои од нив ни изјавија дека се задоволни од одѕивот и дека конечно покажале единство.
Транспарент се најде и во рацете на споменикот на Кирил и Методиј.
„Најавената реформа се коси со автономијата на Универзитетот и е сосема непотребна“, велат студентите.
Ректорот Велимир Стојковски изјави дека Сенатот не може да заземе став околу екстерното тестирање затоа што не добиле ништо на писмено од Министерството за образование.
Студентите велат дека нема да се откажат од своите барања и ќе продолжат со натамошни активности. Тие не прифаќаат воведување екстерно оценување бидејќи сметаат дека тоа ја загрозува автономијата на универзитетот.
Нивната наредна средба е закажана за вторник.