Вести

Нема да бегаат, со нетрпение чекаат судење

Груевски не планира да бега, планира да се врати на власт

Подрани 20 минути, крајно внимателно го слушаше обвинителот од СЈО без да го симне погледот, а кога доби збор објаснуваше дека е жртва на политичка хајка и заврши со пораката дека не само што нема намера да бега од државава, тоа не му паѓа на памет, туку планира да победи на изборите и да се врати на власт.

Утрово во најголемата сала во скопскиот Апелационен суд претставниците на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и Никола Груевски, ги вкрстија аргументите околу евентуалниот притвор за експремиерот во случајот „Титаник“ за изборни измами.

Овој пат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го придружуваше адвокатска четворка предводена од Димитар Дангов во која го нема досегашниот бранител на Груевски, Никола Додевски.

Груевски се обрати последен, по неговите адвокати и по обвинителот Гаврил Бубевски. Стана со пишаните забелешки в раце и обраќајќи ѝ се на претседателката на Апелација, Љиљана Ивановска-Шопова, десетина минути објаснуваше зошто не треба да оди во притвор и зошто е дискриминаторски секоја недела да се јавува во суд.

„Доколку сум имал намера, сум можел да избегам. Јас сум лидер на партијата што последниве 11 години доби десет избори, а победивме и на последните во 2016 година, добивме 450.000 гласови. Како може некој да помисли да бега, ако има толкава поддршка и против себе има празно обвинение“, образложи Груевски.

Како аргумент дека нема да бега го спомна и тоа дека има две малолетни деца и родители во години на коишто сега ќе им биде најпотребно неговото внимание.

Во излагањето го спомна и својот, како што го нарече, „најголем политички противник“ Зоран Заев и спореди дека за него не се бара притвор, иако против премиерот имало силни докази за коишто потенцираше дека биле прибавени на законски начин.

Главниот акцент Груевски го стави на тоа дека СЈО води политичка хајка против него и против ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на изборите и дека со тоа што треба секоја недела да се јавува на суд ќе се девалвира пред гласачите, со што ќе биде политички и јавно омаловажен.

„Се создава перцепција дека сте виновен. Најголем дел од гласачите веруваат дека нешто сте сториле, ако секоја недела се јавувате во суд“, рече тој.

Јанкулоска едвај чека да почне судењето, смета дека не е виновна

Сите четворица адвокати од неговиот тим се јавуваа за збор и ја користеа секоја прилика да им реплицираат на обвинителите од СЈО.

Коментираа дека мерката притвор е престрога, речиси еднаква на затворска казна и дека иако сите сме исти пред правдата, овој случај бил специфичен.

„Специфика е дека најголемата партија е пред суд и затоа судот треба да има зголемено внимание, а ние не само што тоа не го гледаме, туку го гледаме во негативна насока“, коментираа бранителите.

Во таа насока адвокатите на експремиерот цитираа неколку случаи од судот во Стразбур, кои познати политичари ги воделе против своите држави од кои биле судени, меѓу кои го спомнаа и „Ходорковски против Русија“.

Адвокатот Драган Дангов обраќајќи им се на претставниците на СЈО рече дека немаат аргументи за притвор, туку дека сакаат „да водат предмет во кој обвинетите им се во кафез“.

„Имаме масивно и крупно кршење на правата на обвинетите“, се надоврза Боро Тасевски од четворката бранители на Груевски.

Бранителите, исто така, се пожалија дека Груевски немал време да направи увид во сите докази, бидејќи тие се наоѓале на 27.000 страници, што ги добиле многу кратко пред подигнувањето на обвинението.

СЈО и денеска сметаше дека Груевски преку својата моќ во партијата може да влијае врз сведоците и дека има доволно пари за да избега и да живее комотно во друга држава.

Низ истата процедура до 14 часот поминаа и неговите сопартијци, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, и ексминистрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.

Најблискиот соработник на Груевски, Мартин Протоѓер, не дојде на денешната седница, адвокатскиот тим објасни дека кога го добил обвинението се лекувал во Воената болница во Будимпешта, а сега е на боледување во Македонија.

Истата адвокатска четворка ги застапувшае петорицата обвинети во „Титаник“

И Јанакиески и Јанкулоска рекоа дека едвај чекаат да почне судењето, бидејќи се најзаинтересирани да докажат дека не направиле криминал.

Апелациониот суд има 48 часа да одлучи чија жалба ќе ја прифати и дали некој од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ ќе добие притвор или, пак, ќе го добие пасошот назад.