Вести

За зградата на Филхармонија неплатени 20 милиони евра

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Новиот објект на филхармонијата се градеше осум години

Нешто под 20 милиони евра изнесуваат неплатените обврски за новиот објект на Македонската филхармонија, информираше денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на пресот на кој тој ја соопшти вкупната сума обврски на сите државни институции, која досега не беше позната.

Објектот на филхармонијата, според базата Скопје 2014 под од лупа на БИРН, чини речиси 40 милиони евра, што значи дека до мај 2017 е исплатена само половина од сумата содржана во склучените договори меѓу Министерството за култура и изведувачите.

Иако недоплатен и незавршен објектот беше спектакуларно отворен при крајот на мај со гала свеченост и концерт на кој присуствуваше целиот политички врв на претходната власт водена од ВМРО-ДПМНЕ.

Институциите во Македонија на државно и на локално ниво заклучно со мај 2017 имаат вкупно неплатени обврски од околу 360 милиони евра, во кои се наоѓаат овие речиси 20 за Филхармонијата, како и парите што не се доплатени за театарот во Велес и за Драмскиот театар.

Министерството за култура кое е инвеститор на овие објекти  вкупно има неплатени обврски од речиси 40 милиони евра.

Министерот Тевдовски денеска рече дека во преговори со Светската банка ќе се бара модел да се обезбедат парите и вети дека оваа бројка од сега па натаму во живо ќе се ажурира и ќе ја има на сајтот на министерството.