Анализи

Нови 450 вработувања во администрацијата за еден месец

Во Владата, министерствата и државните институции само во февруари биле вработени нови 450 административци. Простата пресметка покажува дека дневно се вработуваат 16 нови лица во државните служби.

Околу 450 нови вработувања во Владата, министерствата и државните институции се спровеле само во последниов месец, покажуваат огласите на веб-страницата на Владата и огласите објавени во медиумите.
Редакцијата на БИРН ги прегледа сите огласи за вработувања, почнувајќи од први февруари до први март. Информациите покажуваат дека вклучително со тековните и завршените огласи, во Владата и во министерствата се вработиле референти и соработници за плата која се движи од 13.000 до 37.000 денари, зависно од позицијата.
Доколку се направи проста пресметка, се доаѓа до заклучокот дека владините и државните институции дневно вработуваат по 16 нови лица.

Овие вработувања не влегуваат во вработувањата на хонорарците кои ги најави Владата минатиот месец. Тие вработувања ќе се одвиваат според законот што беше изготвен од Владата за трансформација во редовен работен однос. За овие вработувања нема да се распишува конкурс туку едноставно ќе им се трансформира работниот

Минатиот месец имало 37 нови вработувања во кабинетот на премиерот, од кои најголем број советници | Фото: Архива на БИРН

Минатиот месец имало 37 нови вработувања во кабинетот на премиерот, од кои најголем број советници | Фото: Архива на БИРН

однос во редовен. Според распишаните огласи во февруари, може да се види дека најмногу огласи за вработувања има распишано Владата.

Само за работа во канцеларијата на премиерот оглас бил распишан за 37 лица, од кои 8 советници кои треба да го следат спроведувањето на Програмата на Владата, 4 помошници раководители на Секторот за следење на програмата на Владата, како и тројца советници (административни асистенти) кои ќе работат во Одделението за следење на процесот на реализација на проектите.

Премиерот вработува и помошници раководители за странски инвестиции, советници за информатички системи, правни работи, економски прашања итн.
Еден од поголемите огласи за вработување во последниов месец, исто така доаѓа од Владата. Се бараат 154 државни службеници во Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, од кои за 49 е прецизирано дека треба да бидат без работно искуство.
Според податоците од буџетот за 2014 година, било предвидено Секретаријатот да потроши над 10 милиони евра за плати, односно 1,4 милиони евра повеќе од 2013 година. Со нововработените државни службеници, оваа бројка уште повеќе ќе расте.

Генералниот секретаријат на Владата пред само три месеци објави оглас за вработување на 194 службеници, во кои се бараа државни советници и помлади соработници.

Сите министерства имаат потреба од нови кадри

Годинава за плати на службениците ќе бидат потрошени 398 милиони евра, односно 14 милиони евра повеќе од минатата година | Фото: Pensiero / Foter / CC BY-NC-ND

Годинава за плати на службениците ќе бидат потрошени 398 милиони евра, односно 14 милиони евра повеќе од минатата година | Фото: Pensiero / Foter / CC BY-NC-ND

Нови вработувања има и во Јавното обвинителство. Оваа институција, според објавениот оглас, има потреба од 53 нови референти и соработници во истражниот центар.

Дваесет службеници се барале и во Министерството за правда, 68 државни службеници во Министерството за труд и социјална политика, 58 помлади соработници во Министерство за земјоделство, во Министерството за транспорт – 6 соработници, а во Министерството за финансии – 8.

Ако се земе дека нето платите за овие вработувања се движат од 13 илјади до 37 илјади денари, произлегува дека просекот на една плата без дополнителни давачки за придонеси изнесува околу 24 илјади денари.

Со оглед на тоа што само во февруари има над 450 вработувања, произлегува дека само за овие нововработени од буџетот ќе се одвојуваат 10,8 милиони денари или околу 175 илјади евра, без давачките за придонеси.

Според буџетските предвидувања годинава, за плати на службениците ќе бидат потрошени 398 милиони евра, односно 14 милиони евра повеќе од минатата година.

Колкав е вкупниот број на административците во земјава и понатаму останува мистерија.

Последен пат, во 2013 година, округла бројка даде министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, во интервјуто за Радио Слободна Европа, кој рече дека администрацијата има 118 илјади вработени.