Обдукцијата на десет тела на убиените во акцијата на полицијата во Куманово е при крај. МВР утврдува по трагите на обувките дали тие учествувале и во други акции и го проверува нивниот идентитет
На Институтот за судска медицина во Скопје била завршена обдукцијата на 6 тела на убиените терористи, а во тек е процедурата за обдукција и на останатите 4, дознава БИРН од извори во обвинителството.
МВР, по акцијата соопшти дека биле убиени 14 лица, но за обдукција, со налог на јавен обвинител биле однесени 10 тела. Оваа бројка, од 14 загинати ја соопшти министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и полицискиот портпарол Иво Котевски.
На прашањето на БИРН, каде се телата на уште 4-ца убиени, портпаролот на МВР Иво Котевски вели дека бројката од 14 убиени што ја соопшти полицијата била првична, добиена од службите на терен и можно е истата да не е конечна.
„За сите детали околу бројот на загинати и нивна обдукција надлежно е јавното обвинителство“ изјави Котевски за БИРН.
Според информациите до кои дојде БИРН, јавната обвинителка Вилма Русковска, дала налог за обдукција на 10 тела, а во прибирање на докази од страна на јавното обвинителство биле вклучени уште двајца јавни обвинители.
Истите извори, потврдуваат за БИРН дека загинатите терористи биле облечени во маскирни униформи, а во облеката лекарите на Судска медицина пронашле рачни бомби, куршуми и лесно оружје.
Телата на убиените терористи засега не се идентификувани, бидејќи документите кои биле пронајдени кај некои од нив, било констатирано дека се лажни.
Нивната идентификацијата ќе оди понатаму преку споредување на базите на податоци на европските полициски служби и на косовските институции, од каде што се претпоставува дека се најголем дел од нив.
Според визуелна проценка, убиените биле на возраст помеѓу 25 и 40 години.
Во текот на денешниот ден инспектори на МВР, според полициски информации, ги прегледувале обувките на убиените и преку споредба на траги се обидувале да утврдат дали учествувале во други инциденти во земјава, во прв план на караулата Гошинце.
Претходно, на институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје била извршена обдукција и на 8-те полицајци кои загинаа во саботата и во неделата во борбените дејствија во Куманово.
Полицијата претходно уапси 30 лица кои се предадоа по неколку часовна борба во Куманово и беа изведени пред судија на претходна постапка кој им определи притвор во траење од 30 дена. Станува збор за 18 државјани на Косово, двајца македонски државјани со привремен престој во Косово, 9 македонски државјани и еден албански државјанин со престој во Германија. Одговараат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, „здружување заради непријателска дејност“, и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.