Специјализираното обвинителство на Косово (СТК) со седиште во Хаг, вчера вечер го обелодени обвинението кое Тачи и тројца други поранешни водачи на ОВК и актуелни политичари, ги товари за злосторства против човештвото и за воени злосторства.
Тачи е обвинет заедно со поранешниот лидер на опозициската Демократска партија на Косово, Кадри Весели, со шефот на пратеничката група на опозициската партија, движењето Самоопределување (Ветевендосје), Реџеп Селими и со претседателот на Националниот совет на Социјалдемократската иницијатива (НИСМА), Јакуп Красниќи.
Обвинението, кое брои 68 страници, содржи десет точки во кои се наведени наводните злосторства, како што се „незаконско или самоволно приведување и лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиство, како и злосторства против човештвото како што се затворање, други нехумани постапки, тортура, убиство, присилно исчезнување и прогони“.
Според обвинението, овие злосторства биле извршени „во најмала рака од март 1998 година, до септември 1999 година“. Сите четворица, за време на војната во Косово, беа високи припадници на ОВК, а Тачи беше политички водач на герилската организација.
Тачи, Весели, Селими и Красниќи се обвинети како лица одговорни за злосторства извршени од нив самите, како и од други поранешни припадници на ОВК во повеќе области на Косово, но и во северна Албанија, „против стотици цивили и луѓе кои не учествувале во непријателските активности“.
Најголемиот број злосторства биле извршени во центрите за притвор во 17 општини во Косово и во два округа во Албанија, Кукс и Хас.
Сите четворица се обвинети дека биле дел од заеднички злосторнички потфат и дека споделувале „заедничка цел во насока на стекнување и вршење контрола над цело Косово“, користејќи средства кои вклучувале „незаконско заплашување, малтретирање, насилство и отстранување на оние што се сметале за противници“.
Противниците биле наводните соработници на југословенските институции и вооружените сили на Слободан Милошевиќ, луѓе поврзани со ривалскиот Демократски сојуз на Косово и „лица од српска, ромска и друга националност“.
Во обвинението се наведува дека овие четворица поранешни водачи на ОВК и сегашни политичари, имаат „одговорност на надредени“, бидејќи биле свесни за злосторствата спомнати во обвинението, истите ги поттикнувале, и биле вклучени во нивното извршување.
Тачи во четвртокот поднесе оставка на функцијата шеф на државата и беше префрлен во Хаг за да се соочи со обвиненијата. Неговата оставка, поднесена откако обвинението против него беше потврдено, иницира пораки на солидарност со борбата на ОВК, на политичките лидери ширум Косово и Албанија.
Здружението на воени ветерани на ОВК, се закани со протести, и покрај владините мерки воведени заради спречување на ширењето на корона вирусот, со кои се забранува јавен собир на повеќе од пет лица.