Обвинителството на Босна и Херцегвина поднесе обвинение против поранешниот полициски командир, Богдан Стевановиќ, за злосторства против човештвото, извршени над Бошњаци во областа Скелани, општина Сребреница, во 1992 година.
Пишува: Ламија Гребо, Сараево
Обвинителството го поднесе обвинението против Стевановиќ во петок, со кое го товари дека од мај до крајот на август 1992 година, како командир на Станицата за јавна безбедност Скелани и како член на кризниот штаб на српската општина Скелани, помагал во извршување на убиства и давал наредби за убиства.
Тој е обвинет и за учество во прогонот на бошњачкото население во Сребреница и во Скелани.
Според обвинителството, прогоните биле извршени со организирани напади врз села и населби, потпомогнати со артилериско делување, со присилно одвојување на мажите, со убиство на повеќе лица, како и со притварање во Станицата за јавна безбедност и кооперативниот центар во Скелани.
Жените и децата биле протерани, а најмалку 35 лица биле убиени.
Стевановиќ денес живее во Србија.
Обвинението е поднесено до Судот на БиХ на потврда.