Вести

Одземена дозволата на сестринската телевизија на „Курир“

Во новиот синдикат, како што дознаваме, веќе членуваат дел од новинарите и медиумските работници од телевизиите „Алфа“ и „Сител“, од весниците „Вечер“ и „Македонски спорт“, а во тек е прибирање членство и од порталот „Телеграф“ | Фото: Shutterstock.com

Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги пред десетина дена ја одзела дозволата за телевизиско емитување на велешката „Канал еден телевизија“, која е во сопственост на истиот човек што се води како газда и на познатиот портал „Курир“.

Станува збор за Саше Стојановски, кој формално е дел од новинарската редакција на „Курир“.

Агенцијата во својата одлука објаснува дека „Канал еден“ не го платила годишниот надомест за телевизиско емитување од околу 277.000 денари или 4.500 евра.

Саше Стојановски ја купи телевизијата во 2013 и тоа од фирмата НВСП, чиј газда е Владислав Стајковиќ. НВСП се спомнуваше и во аудио разговорите што ги објави СДСМ, кога наводно се договараше фирма, каде што треба да легне провизијата од договорот со Израелците за набавка на опрема.

Стојановски од 2015 се води и како сопственик на порталот „Курир“, кој го презема од Ацо Мисајловски, брат на Владо Мисајловски, ексминистерот за транспорт и врски и кандидат за градоначалник на Ѓорче Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Од минатата недела „Канал еден телевизија“ веќе не емитува програма, а на нивниот веб-сајт веќе неколку недели нема нови вести, додека на телефонот за контакт никој не се јавува.

Мониторингот на Агенцијата за медиуми за последните парламентарни избори покажа дека „Канал еден“ пред денот на гласањето од 30 ноември до 9 декември 2016, секој ден ги емитувала двата дела на документарецот „Светот на Сорос“ во која говорници меѓу другите се и Драган Павловиќ – Латас, Мирка Велиновска и Миленко Неделковски.

„Канал еден“ беше една од десетината регионални телевизии што во 2013 и во 2014 добија нови газди, потоа со своето известување ја поддржуваа тогашната владејчка партија ВМРО-ДПМНЕ и добиваа пари од општинските и од државниот буџет.