Регион

Офицери на ВЈ „не знаеле ништо“ за масакрот во Косово

Филип Рудиќ, Белград
 

Специјалниот суд во Белград. Фото: БИРН

Поранешниот командант на 549 бригада на ВЈ, Стојан Коњиковац, во средата, пред Специјалниот суд во Белград, изјави дека водот, за кој се тврди дека извршил напад врз селото Трње, бил распореден далеку од селото и немал причина да влегува во него.

„Дел од силите беа распоредени северо-западно од Трње. (Нивната задача) беше да ја држат линијата и да не напредуваат понатаму“, рече Коњиковац пред судот.

Сепак, неговото сведочење е спротивно на изјавите на некои претходни сведоци, кои рекоа дека во селото виделе луѓе во воени и полициски униформи.

Коњиковац нагласи дека тој не знаел за инцидентот што се случил на 25 март 1999 година, кога неговите подредени, Павле Гавриловиќ и Ранко Козлина, наводно, го организирале нападот врз селото.

Поранешниот началник за безбедност на 549 бригада, Миљан Величковиќ, чии задачи вклучувале и откривање на воени злосторства извршени од војската, пред судот изјави дека тој не знаел ништо за нападот на Трње.

Величковиќ истакна дека после секоја операција, тој и неговите офицери разговарале со членовите на единиците, за да дознаат дали имало неприфатливо однесување.

Но, бидејќи бригадата броела помеѓу 12.000 и 14.000 членови, „можно е нешто да се случило, а ние да не сме знаеле“, рече тој.

Кога беше запрашан за можноста да бил извршен напад врз Трње, онака како што е тоа опишано во обвинението, Величковиќ рече дека е „можно”, но „многу малку веројатно”.

„Можам да гарантирам дека командата не дала таква наредба никому”, истакна тој.

Според Фондот за хуманитарно право (ФХП), во зоната на одговорност на 549 бригада, се случиле повеќе убиства на цивили, косовски Албанци, отколку во оперативните зони на одговорност на другите бригади – 2.174 од над 6.200.

На офицерите на ВЈ, Павле Гавриловиќ и Ранко Козлина, им се суди за убиство на 27 лица, меѓу кои имало и старци, но и едно четиригодишно момче, извршени за време на нападот на Трње на 25 март 1999 година.

Гавриловиќ е обвинет дека го наредил нападот, при што рекол дека „не смее да има преживеани“.

Гавриловиќ, наводно, ги поделил своите луѓе во три групи, Козлина бил во едната од нив, и им наредил да влезат во селото и етнички да ја исчистат оваа областа.

Козлина, заедно со уште тројца други војници, отвориле оган врз 18 цивили, меѓу кои имало и жени и деца, и убиле 16 од нив, а другите цивили биле убиени во неколку други куќи во селото, се вели во обвинението.

Судењето продолжува на 7 март.