Регион

Ориќ „не се срами“ од своите воени дела

Во своето прво интервју, дадено по изрекувањето на пресудата, со која беше ослободен од обвинението кое го товареше за убиството на тројца воени затвореници од српска националност, поранешниот командант на Сребреница, Насер Ориќ, вели дека бил „витез“ на бојното поле.

Филип Рудиќ, Белград

Насер Ориќ, на денот на своето ослободување. Фото: Бета, Хина, Фена, Алмир Разиќ

Поранешниот командант на Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ) за Сребреница, Насер Ориќ, во интервјуто објавено во понеделникот, по ослободителната пресуда која му ја изрече Судот на Босна и Херцеговина, вели дека се борел чесно и дека не се срами од своите дела во војната.

„Жал ми е што дојде до избувнување на војната и што моравме да се судриме едни со други, но јас не ја измислив војната. Жал ми е за семејствата и од едната, и од другата страна, што мораа да се најде во овој босански лонец“, вели Ориќ во интервју за faktor.ba.

Додаде дека не бил нервозен во пресрет на пресудата, што му беше изречена во понеделникот, бидејќи бил сигурен дека нема да биде прогласен за виновен.

Обвинителството го товареше Ориќ, поранешен командант на единицата на територијалната одбрана на АБиХ во Сребреница и неговиот подреден, Сабахудин Мухиќ, дека во 1992 година, во местата Залазје, Лолиќи и Куњерац, убиле тројца затвореници од српска националност.

Случајот беше во голема мера контроверзен, бидејќи многу Бошњаци го сметаат Ориќ за херој, поради неговата улога во одбраната на Сребреница пред масакрот во 1995 година, додека, од друга страна, некои босански Срби сметаа дека обвиненијата се премногу благи.

Пресудата предизвика остри реакции на челиниците на Србија и на Република Српска, кои го критикуваа Судот на БиХ.

Прашан да ја коментира изјавата на министерката за правда на Србија, Нела Кубуровиќ, дека српските судови ќе продолжат да го гонат за наводни убиства на српски цивили, Ориќ одговара дека не знае ништо за тоа.

„Им одговорам на властите во БиХ и на Хашкиот трибунал, а на агресорите – се знае како им одговарам!“, рече Ориќ.

Во 2008 година, Хашкиот трибунал го ослободи Ориќ од обвинението за воени злосторства.

Тој додаде дека никогаш нема да се чувствува слободен во врска со можноста од поднесување на нови обвиненија, за кои вели дека се политички мотивирани.

„Што се однесува до овие нови наводни обвиненија – јас сум тука, не бегам. Се борев за оваа држава и планирам во оваа држава и да умрам“, рече тој.