Вести

Основниот проект за „Универзитетот Мајка Тереза“ ќе чини милион евра

Првиот академски час на Универзитетот „Мајка Тереза“ во октомври минатата година | Фото: МИА

Речиси еден милион евра чини изработката на основниот проект за Универзитетот „Мајка Тереза“, чиј ректор е поранешниот министер за образование од ДУИ Азис Положани. Станува збор за еден од најскапите основни проекти – според базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, проектите биле исплатувани од 2 илјади до неколку стотици илјади евра. Колку за пример, основните проекти за ФИНКИ и за Факултетот за физичка култура чинеа 305 илјади евра. 

Договорот кој денеска беше објавен на веб-страницата за јавни набавки е склучен меѓу Универзитетот „Мајка Тереза“ и фирмата БХ Архитектс ДООЕЛ од Тетово. Оваа компанија, според податоците од Централниот регистар е основана во април годинава, само половина година пред потпишувањето на договорот. Сопственик и директор на фирмата е Бленд Хасани. Авансно, фирмата ќе добие 68 илјади евра, а договорот се однесува за „основен проект со сите фази за изградба и комплетна ревизија на проектната документација“.

 Универзитетот „Мајка Тереза“ ќе се простира на површина од 31.980 квадратни метри, а за неговата изведба ќе бидат предвидени 22.280 квадратни метри. Покрај петте факултетски згради компплексот ќе има и нов затворен базен.

На отворањето на новиот универзитет во октомври минатата година беше соопштено дека се обезбедени 80 милиони денари. Беше најавено и дека наставата ќе се одвива на три јазици – македонски, албански и англиски. Идејата за Универзитетот Мајка Тереза е заеднички проект на ДУИ и ВМРО ДПМНЕ што предизвика многу контроверзии и негодувања од страна на експертската заедница со аргументи дека во земјава има премногу државни универзитети.

Дополнително, изборот на Положани за ректор медиумите го проследија со потсетување на најавите на високите претставници на ДУИ дека ректорот ќе биде од странство и дека во него нема да има актуелни и поранешни функционери на партијата. 

Наставата на најмладиот државен универзитет се одржува во зградата на ССМ и во просториите на Штуловиот универзитет во Скопје. Во октомври минатата година тогашниот министер за образование Пиштар Лутфиу од ДУИ најави дека почетокот на изградбата се планира за 2017 година на местото на касарната „Илинден“.