Вести

„Пекабеско“ забранет во Република Српска

Република Српска бара забрана за увоз во БиХ на македонските производи „Пекабеско“ кои надлежните ги прогласија за неисправни бидејќи биле пронајдени прехранбени адитиви над дозволените граници

Лебурич Комерц ДОО, фирмата увозник на месните производи „Пекабеско“ за Република Српска, да биде избришана од регистарот на увозници во Босна и Херцеговина. Ова го побарало Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Српска од Канцеларијата за ветеринарство на Босна и Херцеговина.

Во Република Српска од утре на сила ќе стапи и забраната за промет на производите на македонската компанија за месна индустрија.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Српска информираа дека „производите имаат зголемено количество фосфати поради што се прогласуваат за здравствено неисправни врз основа на Законот за храна“.

pekabesko

„Основната причина за носење на оваа наредба е одговорноста на државата да го заштити интересот и здравјето на потрошувачите, бидејќи, според стручните мислења, како и врз основа на спроведените анализи и законски одредби, оваа храна е штетна по здравјето на луѓето. Таа содржи прехранбени адитиви над дозволените количества, во случајот фосфати, кои можат да предизвикаат тешки последици по здравјето на луѓето“, велат од Министерството.

Истражувањата за производите на „Пекабеско“ во Република Српска биле правени во јавната здравствена установа Институт за јавно здравје.

Од Министерството појаснуваат дека под адитиви се подразбираат супстанци кои обично не се консумираат, ниту се типична состојка во намирниците, а се додаваат намерно за да се подобрат технолошките и сензорските својства на производите.

„Недозволено голема количина на адитиви, особено на фосфат и натриум нитрат имаат докажано канцерогено својство“, се вели во соопштението.

Во Македонија сè уште владее молк по објавувањето на веста за најавената забрана на македонските производи „Пекабеско“ во Босна и Херцеговина.

Зоран Поповски, директор на македонската Агенција за храна и ветеринарство, за БИРН изјави дека нема никакви сознанија за случајот.

„Ќе се распрашаме и ќе излеземе со соопштение во текот на денот“, рече тој.

Ниту во компанијата „Пекабеско“ немаа информации за забраната за увозот на нивните производи во Босна и Херцеговина.

„Никој не нè контактирал. Очекуваме известување од нашиот партнер во Република Српска и од надлежните институции од БиХ“, ни изјавија од „Пекабеско“.

Пекабеско АД Скопје е компанија основана кон крајот на 1979 година, развиена од филијалата на една од поранешните најголеми земјоделски задруги PKB Белград. Главна дејност на компанијата е производство на сувомеснати производи и дистрибуција на прехранбени производи и цигари.