Регион

Поднесено обвинение заради одржување на референдумот во РС

Обвинителството на Босна и Херцеговина, обвини четворица членови на Републичката комисија за спроведување на референдумот на Република Српска (РС), бидејќи не ја спровеле одлуката на Уставниот суд на БиХ, за забрана на контроверзниот референдум за Денот на РС.

Еламери Шкргиќ Микулиќ, Сараево

Синиша Каран, претседател на комисијата за спроведување на референдумот. Фото: БИРН

Обвинителството на БиХ, поднесе обвинение против претседателот на комисијата, Синиша Каран, и нејзините членови, Драгољуб Рељиќ, Горан Змијањац и Милан Петковиќ, поради неисполнување на одлуките на Уставниот суд на БиХ, во врска со спроведувањето на референдумот за Денот на РС.

Според соопштението од обвинителството, тие спровеле серија на акции и активности за спроведување на референдумот кој се одржа на 25 септември 2016 година, што доведе до политички тензии и ја подели земјата по етнички линии.

„Тие се обвинети дека со своите постапки и активности, наместо да постапат по обврзувачката одлука на Уставниот суд за времената мерка и веднаш да престанат со сите активности поврзани со спроведување на референдумот, тие, како комисија, продолжиле да работат на организација и спроведување на референдумот“, соопшти обвинителството.

Поради недостиг на докази, се вели во соопштението, прекинати се истрагите против претседателот на РС, Милорад Додик, српскиот член на Претседателството на БиХ, Младен Иваниќ, премиерката на РС, Жељка Цвијановиќ, и министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ, Мирко Шаровиќ.

Како што се наведува, не постојат „доволно докази дека со своите дела, извршиле кривично дело, помагање или соучесништво во наведеното кривично дело“.

Додик беше еден од главните промотори на одржување на забранетиот референдум. Тој, по објавување на резултатите, славеше победа во Пале.

Одлука е донесена и за стопирање на истрагата против пратениците Давор Шешиќ, Недељко Гламочак, Перица Бундало, Зденка Гојковиќ и Воислав Глигиќ, бидејќи постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење, со оглед дека овие лица, како пратеници во Народното собрание на Република Српска, имаат имунитет од кривично гонење.

Референдумот беше реакција на една друга одлука на Уставниот суд, донесена во 2015 година, со која одбележувањето на Денот на РС на 9 јануари, беше прогласено за дискриминаторски чин кон несрпското население кое живее во овој ентитет, бидејќи истиот ден се слави и православниот верскиот празник, Свети Стефан.

Со Денот на РС се слави денот кога на 9 јануари 1992 година, беше формирана Република Српска, што за многу Бошњаци беше предвесник на војната што избувна неколку месеци подоцна.

Бошњачките политичари изразија загриженост дека референдумот може да биде најава за друг референдум, на кој би се гласало за отцепување на РС од БиХ.

На референдумот, исто така, остро му се спротивставија и ЕУ и САД.

Сојузниците на РС одбија да дадат поддршка, иако рускиот амбасадор во БиХ, Петар Иванцов, ја понуди поддршката на Москва.

Објавено и на Балканска транзициска правда