Регион

Поранешен припадник на ОВК во Хаг, ќе „ја брани праведната борба“

Амблем на ОВК. Фото: Википедија комонс/Aдам Џонс

Специјализираното обвинителство на Косово, со седиште во Хаг, го повика на разговор, Самидин Џезаири, објави вчера неговиот брат, Хајредин Џезаири.

Тој додаде дека Самидин, познат по прекарот Хоџа, ќе одговори на повикот.

„Секако, командант Хоџа ќе одговори позитивно на овој повик и ќе се обиде, најдобро што може, да ја заштити праведната војна на нашата легендарна војска, ОВК“, напиша Хајредин Џезаири на Фејсбук.

Самидин Џезаири во војната бил активен во 125-та бригада на ОВК, која делувала во Призрен, а бил и нејзин командант.

Во интервју за веб-страницата „Албански форум“, Џезаири вели оти во 1998 година се вратил од Австрија, каде работел како медицински техничар во болница во Виена, за да ѝ се приклучи на ОВК, во борбата против српските сили.

Специјализираното обвинителство на Косово води истраги за убиствата, киднапирањата, незаконските апсења, сексуалното насилство и другите злосторства, наводно извршени од припадниците на ОВК, од почетокот на 1998 до крајот на 1999 година.

Од минатата година, обвинителството сослуша повеќе од 100 поранешни припадници на ОВК.

На сослушување во Хаг, минатата недела беше повикан и Кадри Весели, поранешен претседател на косовското собрание и лидер на Демократската партија на Косово, а премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, во јули годинава, откако обвинителите го повикаа на сослушување во својство на осомничен, поднесе оставка.

На оние, против кои ќе биде поднесено обвинение, ќе им се суди пред Специјализираните совети. Досега јавно не е објавено ниту едно обвинение.

Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство (пошироко познати како специјален суд) на Косово, се дел од правниот систем на Косово и функционираат во согласност со косовското право, со ангажман на меѓународни судии и обвинители.

Во Косово нашироко постои негативен став кон овој суд, бидејќи многумина ја сметаат ОВК за војска која ги ослободила од српското владеење.