Поранешните припадници на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), Маринко Мариќ и Жељко Родин, се прогласени за виновни за злосторства извршени во логори во западна Херцеговина, од јули до септември 1993 година, јавуваат хрватските медиуми.
Судот, во четвртокот, го осуди Мариќ на четири и пол години затвор, а Родин на три години и десет месеци затвор.
„За жал, во сите војни, страдаат оние што треба да бидат најзаштитени, а тоа се цивилите“, изјавил судијата, Владимир Живаjиќ, пренесува весникот „Слободна Далмација“.
Судијата додал дека иако предвидената казна за вакви дела е меѓу 5 и 20 години затвор, судот сметал дека нивните казни се во рамките на законот.
„Мариќ дури и се извини на неколку сведоци, покажа емоција на тага и рече дека му е жал, иако не ги призна делата“, додал Живаjиќ, пишува „Слободна Далмација“.
Според хрватските медиуми, од јули до септември 1993 година, обвинетите ги тепале затворениците со мотки и со нозе по гениталиите, принудувајќи ги да ја пијат сопствената урина, да лижат крв од под, да стојат на високи температури на сонце во дебела облека, да лежат голи на врел асфалт.
Еден цивил починал од здобиените повреди. Осудените, од затворениците, зеле и вредни предмети, како рачни часовници.
Мариќ и Родин се поранешни членови на бригадата „Кнез Домагој“ на ХВО.
Тие биле и членови на Безбедносно-информативната службат во логорите на ХВО во западна Херцеговина – Габела, Силос и Дретељ.
Пресудата на Окружниот суд во Сплит е првостепена и може да биде обжалена.
Обвинетите беа судени во Сплит, откако нивниот случај беше префрлен од БиХ, врз основа на протоколот за процесирање на воените злосторства, потпишан од властите во Загреб и во Сараево.