Анализи

Последни месеци на партискиот програмски совет на МРТ

Наскоро МРТ треба да ја раководи нов совет | Фото: БИРН

Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија составен од поранешни партиски и државни функционери, амбасадори, професори и новинари ги троши последните месеци од мандатот, период во кој телевизијата флуктуираше меѓу пропагандна машина на претходната власт и медиум што стерилно ги пренесува случувањата без воопшто да навлегува во темите од јавен интерес.

Рокот за овластените предлагачи да предложат нови членови во овој совет заврши на 2 март, но поради претседателските избори се одложи постапката за нивниот избор. Процедурата може да трае неколку месеци, сѐ додека новиот состав не биде изгласан на собраниска седница со двотретинско мнозинство. Такво мнозинство не беше потребно за сегашниот состав, кој беше избран на 15 декември 2014 година, со мнозинство од вкупниот број пратеници, односно за нив гласаа меѓу 61 и 65 пратеници.

Од собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата не добивме информација кој сѐ е кандидат за новиот совет. Меѓу имињата што се споменуваат како можни кандидати се сегашниот член Ведат Мемедалија, новинарките Јасмина Миронски и Радмила Заревска, Игор Стојанов од универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, како и поранешниот пратеник и новинар Веле Митаноски.

Неработење и излегување од надлежностите

Ревизорите нашле голем број неправилности во работата на советот | Фото: БИРН

Последниот ревизорски извештај што го објави Државниот завод за ревизија открива дека програмскиот совет на МРТ не донел поголем број одлуки и документи што требало да ги донесе за медиумската куќа да функционира нормално, а од друга страна одлучувал за нешта за кои нема надлежност.

Според ревизорите, советот излегол од своите ингеренции, кога во јули 2015 година донел одлука за МРТ да се задолжи кај домашна банка со 140 милиони денари (околу 2,3 милиони евра). Тие забележале дека обврска на програмскиот совет е да ги штити интересите на јавноста во поглед на програмските содржини што ги емитува МРТ, а во Законот за аудиовизуелни медиумски услуги и во статутот на МРТ никаде не се споменува дека тој има надлежност да одобрува кредитно задолжување и заложување на имотот.

Меѓу документите што советот не ги донел е програмата за развој, со која се определува примената на нови технологии, па нејзиното отсуство влијае врз деловните политики на куќата. Не е донесен ниту акт за тоа како се чуваат и архивираат аудио и аудиовизуелните материјали и под кои услови тие треба да ѝ бидат достапни на јавноста. Со тоа постои ризик дека делата не се обезбедени, може да им се намали квалитетот поради несоодветно чување и нивна недоволна достапност до јавноста.

МРТ работи без правилници за патни трошоци, авторски надоместоци, користење на архивските материјали, безбедност и заштита при работа, деловни тајни и за регистар на обврзници за плаќање радиодифузна такса. Сите тие, како што е објавено во ревизијата, се во исклучива надлежност на програмскиот совет. Немало ниту ценовници на услугите на македонското радио и на македонската телевизија, ниту упатство за работа на секторот за комерција.  Сето тоа влијаело за несоодветно и неквалитетно извршување на обврските на МРТ.

Програмскиот совет не донел ниту акт за остварувањето приходи од маркетинг-услугите, ниту акт за тоа кој под кои услови може да ја користи услугата „бесплатно емитување“. Поради тоа, ревизијата не можела да се увери во веродостојноста на приходите од реклами (околу 432 илјади евра), а претходната влада често го користела бесплатното емитување.

Совет со истакнати партиски функционери

Меѓу членовите има поранешни пратеници, дипломати, партиски функционери и новинари | Фото: БИРН

Кои се луѓето што го водат овој совет? Претседателката Смилка Јанеска-Саркањац, која е претставник на Интеруниверзитетската конференција, е сопруга на професорот на филозофскиот факултет Бранислав Саркањац, кој бил два мандати советник во локалната самоуправа како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, прво во Општина Центар, а потоа и во Град Скопје. Смиљка Саркањац е професорка на ФИНКИ. Се јавува како сопственик или косопственик во најмалку пет компании за компјутерски услуги, две од кои се основани на крајот од минатата и на почетокот на оваа година.

 Тројца од кандидатите што ги предложи самата Комисија за избори и именувања се познати кадри на ВМРО-ДПМНЕ, поранешната пратеничка Косана Николиќ-Мазнева, функционерот во Секретаријатот за европски прашања Златко Јанковски и адвокатката Јагнула Куновска, која беше кандидатка за градоначалничка од оваа партија во општината Карпош. Јанковски за време на мандатот во Програмскиот совет бил и овластено лице во институтот „Павел Шатев“.

Комисијата ги предложи и Агим Лека, поранешен амбасадор во Египет, и Илир Рамадани, новинар од Кичево.

И меѓу кандидатите што не беа предложени од самите пратеници се наоѓаат врски со поранешната владејачка партија. Претставничка на ЗЕЛС, на пример, е поранешната претседателка Снежана Клинчарова, која работеше како портпаролка на градоначалникот на Бутел, Петре Латиновски, претходно има долгогодишно искуство како новинар, меѓу другото и во МТВ. ЗЕЛС заедно со неа ги предложи и Ристе Панов и Гајур Рамадани.

Во времето на овој совет, националната телевизија добиваше епитети од „партиско-владин билтен“ до „медиум што стерилно известува за настаните“

Претставник на Здружението на новинарите на Македонија е Ведат Мемедалија, долгогодишен новинар и уредник во весниците Коха и Факти, а од Македонската асоцијација на медиуми Ивана Трајковска, која била уредничка на естрадни телевизиски емисии како „Бекстејџ“. Во советот членуваат и Анита Љатифи, раководителката за маркетинг во Албанскиот театар, и Селпин Керим, актер во турскиот театар.

Досега советот одржал осумдесетина седници, на кои носел ставови во врска со законски измени што ја засегаат МРТ. Пред една година, советот го реизбра Марјан Цветковски за директор од 13 пријавени кандидати, што предизвика реакции во јавноста и беше окарактеризирано како знак дека нема да има промени во работата на МРТ.

За учеството на работата во Програмскиот совет на членовите им се исплатува по една третина од просечната плата за секоја одржана седница.

Недоволна транзиција

Според истражувања, од МРТ прво зрачела партиска пропаганда, а потоа безлични вести | Фото: БИРН

Како овој состав на програмскиот совет му служеше на јавниот интерес, може да се види, меѓу другото, и од медиумскиот мониторинг што го спроведе Институтот за комуникациски студии во периодот од крајот на 2015 до 2017 година.

Така, во првиот извештај за периодот ноември-декември 2015 година, првиот канал на МТВ е сместен заедно со телевизиите Сител, Алфа и Канал 5 во пропагандната машинерија на ВМРО-ДПМНЕ.

Забелешките што се содржат кај МТВ 1 во врска со ВМРО-ДПМНЕ се повторуваат кај МТВ 2 за односот на овој канал кон ДУИ.

Според Законот за аудиовизуелни услуги, Програмскиот совет е тело од 13 членови, чија задача е да ги штити интересите на јавноста во поглед на програмските содржини што ги емитува Македонската радио-телевизија

Работите во МРТ се смениле, но недоволно, како што може да се види од извештајот за февруари 2017 година. Во период што беше одбележан со постизборна политичка криза, која кулминираше со насилниот упад на 27 април, јавниот сервис повторно посветувал голем дел од вестите за „промовирање владини проекти за инфраструктурни вложувања, нови лекови, бенефиции за одредени категории граѓани и за економски успеси“. Стилот на известувањето, пак, бил крајно ублажен.

Неутралното и површно известување на МТВ, како замена за партиската пропаганда, било забележано и во други извештаи од мониторингот на нејзината програма.

Членот на советот, Ведат Мемедалија се согласува со констатациите дека МРТ не ја исполнила својата општествена улога за време на мандатот на овој совет. Особено на 27 април 2017 година, кога телевизијата не ги пренесуваше настаните од Собранието.

„Лоша беше работата. Ако треба да ја оценам од 1 до 10, би рекол 5, но знам дека тоа е премногу оптимистички. Етичкиот кодекс е на дури 80 страници и секоја одредба е „не може, не може“. Најголемата глупост беше тоа како телевизијата постапи на 27 април. Баравме одговорност, тројца членови, но само заменик-уредникот поднесе оставка. Најлошо е што немаме никаква соработка со менаџментот што го реизбравме, тој си тера по свое“, објаснува Мемедалија.

Јавен избор за подобар совет

Откако ќе се избере нов совет, тој ќе може да избере и нов директор | Фото: БИРН

Со измените во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги што се усвоија на крајот на минатата година се смени и начинот на кој ќе се избира новиот програмски совет на МРТ. Сега кандидатите за членови на советот треба да бидат личности што се истакнале во областа на  комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото, а за да може да се кандидираат, треба да добијат писмена поддршка од повеќе субјекти.

Поддршка на кандидатите треба да им дадат најмалку едно новинарско здружение, две граѓански организации со најмалку петгодишно искуство, две високообразовни установи и едно здружение од областа на информатичко-комуникациските технологии.

Собраниската комисија за избори и именувања ќе треба да ги провери пријавените кандидати дали ги исполнуваат сите услови, а потоа да закажат јавна расправа, на која ќе се оценува нивната компетентност за функцијата. И во комисијата и на пленарната седница во Собранието, членовите на Програмскиот совет треба да се изберат со двотретинско мнозинство.

Мемедалија верува дека целата постапка може да придонесе за да се избере подобар состав. Но, не е против партиски претставници во ова тело.

„Се надевам дека нема да има некаков пазар. Јас сум за тоа да има и опозицијата претставник, бидејќи видовме како се работи кога советот е едностран“, вели Мемедалија.

Во новиот закон се предвидува Комисијата за избори и именувања да си ги завршат своите обврски за најмногу 14 дена откако ќе се пријават кандидатите, сепак постапката се одложи поради распишаните претседателски избори. Се очекува конечниот избор да се случи летово, во јули или во август, со што неколку месеци порано ќе се прекине петгодишниот мандат на сегашниот состав.