Актуелно

СДСМ по победата: Прво метла, па избори

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Победата се дочека со олеснување по неизвесноста од пред две недели | Фото: БИРН

Половина час по своето обраќање, Стево Пендаровски не можеше да излезе од прес-салата на СДСМ. Секој сакаше селфи и краток муабет со новиот претседател на државата. На катовите погоре го чекаше врвот на партијата и коалициските партнери.

Синоќа се славеше скромно, со мал кетеринг што беше испорачан откако повеќето поддржувачи и медиуми си отидоа. Од денеска таму треба да се носат големи одлуки: за „метлата“, за иднината на коалицијата и за новите парламентарни избори. Уште во победничкото обраќање, лидерот на партијата, Зоран Заев, ја повтори цврстата решеност да ја спроведе најавената „метла“ со замена на „уморните функционери“, а укажа и на присуството на високите претставници на ДУИ во салата и на телефонската размена на честитки со Али Ахмети, како показател дека изборите ја зацврстиле, а не ја разнишале коалицијата.

За нови парламентарни избори засега никој не размислува. Чувството што преовладуваше во и околу партиската зграда на Бихаќка повеќе може да се опише како олеснување отколку како еуфорична прослава на победата. Иако имаше и зурли и тапани, и скандирања од полна сала поддржувачи, сепак сите се присетуваа на „предупредувачкиот“ резултат од првиот круг како показател дека нема да можат да се возат на бранот на победата. Тој бран не го донесе ветрот, туку мораа да го создаваат во пресрет на вториот круг.

„Првиот круг покажа дека на народот му е смачено од избори и сака резултати“, рече пратеникот Хари Локвенец, коментирајќи ги теориите дека по победата на претседателските избори, партијата би можела да се охрабри да распише парламентарни.

„Тие теории се апсолутно неточни“, додаде Локвенец.

По предупредувањето, тивко радување

Портпаролот Костадинов беше внимателен со резултатите | Фото: БИРН

Ефектот од малиот број гласови и тесната разлика во првиот круг можеше да се види во претпазливото расположение на победничката вечер. Членовите на владејачката партија во ниту еден момент не се чувствуваа загрозени дека ќе ги загубат изборите, но не се опуштаа сѐ додека не стана математички сигурно дека нивниот кандидат ќе победи. Дури и кога водството на Пендаровски се стабилизираше на околу 60 илјади гласа по само една третина пребројани ливчиња, некој ќе наидеше и ќе речеше „ќе падне на 20-30 илјади, нема шанси да остане толку, но ќе победиме“.

Таа претпазливост не се разби ниту со прес-конференцијата, на која портпаролот Костадин Костадинов ги изнесе првичните резултати околу 20.45 часот. Тој скромно соопшти за „стабилно водство“ од над 30 илјади гласови во моментот кога разликата на официјалната страница на Државната изборна комисија беше околу 50 илјади. Половина час подоцна, кога се најавија победничките говори на Пендаровски и на Заев, настапи олеснувањето.

Зурлите и тапаните не беа доволно гласни за да го покријат резултатот од првиот круг | Фото: БИРН

Затоа Локвенец рече дека ниту има расположение, ниту план за нови избори, додавајќи дека на партијата ѝ претстои период, во кој ќе мора да работи многу напорно и да постигне подобри резултати за да ја зацврсти поддршката што сега ја доби.

Мандатот на сегашниот пратенички состав завршува во декември 2020 година, што значи дека изборите ќе може да се одржат од октомври натаму, според правилата на Изборниот законик. Горан Мисовски од коалициската НСДП вели дека не би го зачудило да има избори уште во март, ако во декември годинава се почнат преговорите за членство во Европската унија, но додаде дека тоа е само негова претпоставка.

„Секако ќе има избори наредната година, ако не напролет, тогаш наесен, и секако партиите ќе се подготвуваат за избори“, вели тој.

„Метлата“ нема да ја измете коалицијата

Невзат Бејта и Изет Меџити од првите редови му аплаудираа на Пендаровски | Фото: БИРН

Во меѓувреме, сите ќе се фокусираат на „метлата“, која ја гледаат како мерка за да си ги подобрат шансите за победа на изборите, кога и да се случат. Заев повторно го најави проветрувањето во редовите на СДСМ, истакнувајќи дека некои нивни функционери „се изморија и фиксираа некои гласачи да останат дома“. Никој не знае каде таа ќе помине и кого се ќе опфати, ниту дали ќе биде квалитативна промена или само замена на едни кадри со други.

И Мисовски и Локвенец велат дека веќе не остануваат изговори и мора да се постигнат резултати. Затоа пратеникот од СДСМ очекува дека промените и „приземјувањето на поединци“ што ги најави Заев ќе донесат реална разлика во функционирањето на државата.

„Овој човек, сѐ што вети досега, исполни. Затоа мислам дека и ова нема да остане само на зборови“, уверен е Локвенец.

Останува и прашањето дали „метлата“ ќе ги опфати само редовите на СДСМ или ќе се прошири и на другите коалициски партнери, пред сѐ, на ДУИ. Заев рече дека во последно време не разговарале со Ахмети на оваа тема бидејќи биле фокусирани на мотивирањето на гласачите да излезат, но претходно имале разговарано за промени што треба да се случат.

Но, и покрај гласините во јавноста, никој од соговорниците не верува дека ќе има драстични промени во владината коалиција сега откако претседателските избори завршија. Во салата преовладуваше уверувањето дека ДУИ имале придонес кон победата на Пендаровски. Потпретседателите на партијата, Невзат Бејта и Изет Меџити, со поголема придружба пристигнаа на обраќањето на Пендаровски за да се придружат на аплаузите, а новиот претседател на државата и лидерот на СДСМ повеќепати нагласија дека биле во комуникација со Ахмети, кој исто така прославувал.

Делегацијата на ДУИ кратко се задржа на прославата со врвот на СДСМ во кабинетите над прес-салата, и набрзина си замина, без коментари. Заедно со Заев, Пендаровски, Кирацовски и потпретседателите на партијата таму останаа помалите коалициски партнери, како Амди Бајрам, Неждет Мустафа, Тито Петковски, Стојанче Ангелов, Љупчо Балковски, Павле Трајанов и другите.