Пет члена на семејството Шутаковиќ од Ѓаковица, чии останки беа ексхумирани во напуштен бункер во овој град во 2018 година, вчера беа погребани во Андријевица, Црна Гора, по одржаниот помен во православниот манастир во Беране.
Недељко и Даринка Шутаковиќ и нивните синови Александар (17), Ѓорѓе (15) и Радоман (10), исчезнаа на 15 јуни 1999 година, во Ѓаковица.
Косовските власти му ги предадоа на семејството нивните останки, на граничниот премин Кула-Рожаје, меѓу Косово и Црна Гора.
Ова е второ предавање на посмртни останки на косовски Срби во последните седум дена. Минатиот петок, останките на двајца членови на семејството Петровиќ од Косово, беа предадени на српски владини претставници, за да бидат погребани.
Бункерот од кој сите жртви беа ексхумирани, се наоѓа во индустрискиот дел на Ѓаковица. Пребарувањето на теренот започна кога човечки коски беа пронајдени во сметот што беше подигнат од ова место.
Ексхумацијата на оваа локација заврши во мај 2018 година, но српските власти соопштија оти се сомневаат дека има повеќе масовни гробници во областа на Ѓаковица, во кои се закопани најмалку 50 лица.
Повеќе од 1.600 луѓе, претежно Албанци, но и неколку стотици Срби, сè уште се водат како исчезнати во војната во Косово.