Регион

Радослав Брѓанин е префрлен во притворската единица на ООН

Судот на БиХ | Фото: БИРН

Радослав Брѓанин, од затворот во Данска, каде што ја издржуваше казната затвор, е префрлен во притворската единица на Обединетите нации во Холандија, бидејќи, иако според законот тој ги исполнува условите за предвремено ослободување, Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) сѐ уште не донел одлука, дали да го ослободи.

Од ММКТ соопштија дека Радослав Брѓанин, кого Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) го осуди на 30 години затвор за злосторства против човештвото, извршени за време на војната во Босна и Херцеговина, привремено е префрлен од затворот во Данска, во притворската единица на Обединетите нации.

Тие додаваат дека Данска ги известила за „нејзината одлука да го пушти Брѓанин, бидејќи според данскиот закон, тој го исполнува правото за предвремено ослободување“ и оти таа побарала тој „да биде префрлен од Данска, во одредена временска рамка“.

Бидејќи „не смета дека е можно продолжување на извршувањето на казната на Брѓанин во Данска“, а со оглед дека не е пронајдена друга држава во која би можел да го одслужи остатокот од казната, тој е вратен во притворската единица на ООН, наведе претседателот на Механизмот, Кармел Агиус, во својата одлука од 25 август, која беше објавена вчера.

Брѓанин (73) беше политички водач на Автономниот регион Краина, кој беше под српска контрола, во северозападна БиХ.

Хашкиот трибунал го осуди во 2007 на 30 години затвор, за злосторства над несрпското население, кои опфаќаат прогон, тортура и депортација.

Брѓанин побара да биде ослободен на почетокот на минатата година, но неговото барање беше одбиено.

Во тоа време, во својата одлука, Агиус посочи дека „големата тежина на неговите злосторства е пречка за негово предвремено ослободување“ и дека Брџанин „не покажал оти е успешно рехабилитиран“.

Брѓанин повторно поднесе барањето во февруари оваа година, кога неговиот адвокат, Новак Лукиќ, наведе дека тој „е целосно свесен за тежината на делата за кои е осуден“.

Лукиќ додаде дека Брѓанин „јасно кажал (во своето прво барање) оти  злосторствата за кои е осуден не смеат да се релативизираат“.

Не е познато дали судот донел одлука по неговото второ барање за предвремено ослободување.