Додека се чекаат првичните неофицијални резултати од локалните избори во СДСМ веќе се слави победа, а центарци тоа го прават пред штабот на ВМРО ДПМНЕ. Пред штабот се појави и кандидатот за градоначалник на Центар од СДСМ, Саша Богдановиќ.
Во ВМРО-ДПМНЕ засега е невообичаено тивко, на прес конференцијата по затворањето на избирачките места Никола Србов, член на Извршниот комитет на партијата обвини дека се узурпурале државни ресурси, се вршел притисок, се поткупувале гласачи и граѓани организирано се превезувале на гласачки места.
Од СДСМ на прес-конференција изјавија дека имаат убедливо водство во повеќе општини. Аеродром, Берово, Битола, Богданци, Бутел, Валандово, Вевчани, Делчево, Ѓорче Петров, Карпош, Кочани, Куманово, Лозово, Македонски Брод, Неготино се само дел од општините каде што СДСМ најави дека е во водство пред опозицијата.
Државната изборна комисија најави дека до полноќ ќе ги соопшти првичните неофицијални резултати. Од досегашните достапни податоци кои постојано се ажурираат, може да се види дека СДСМ е во водство пред ВМРО-ДПМНЕ во поголемиот број општини. Владејачката партија слави и во Битола, а Стевче Јакимовски го призна поразот во општина Карпош.