Мери Јордановска и Владо Апостолов
Вицепремиерот Зоран Ставрески криел стан во зградата во која два стана има семејството на ексминистерката за внатрешни работни, Гордана Јанкулоска, обвини портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, на прес-конференцијата пред Владата. Тврдењата тој ги поткрепи со аудио-снимки од телефонски разговори кои наводно се водат меѓу Јанкулоска и Ставрески.
„Грижата на вицепремиерот за финансии не биле пари. Грижата му е како никој да не го види, додека го избира станот, погледот од станот, додека го опремува и на чие име да гласи. Оти ако го пријави на свое име, треба да каже и од каде му се парите за да го купи, нели?“, рече Шилегов.
Инаку, во зградата на улица „Димче Мирчев“ во скопски центар, спроти седиштето на МВР, на осмиот спрат веднаш до становите на Јанкулоска и на нејзиниот сопруг Влатко Илиевски, официјално стан поседува првиот братучед на Ставрески, Владимир Ефтимоски.
БИРН пред десетина дена го контактираше братучедот на Ставрески, Владимир Ефтимоски, кој е претседател на Управниот одбор на Стопанска банка – Битола. Тој ни изјави дека навистина поседува стан во таа зграда и дека во истиот период купил уште еден стан.
„Становите ги купив за моите деца“, ни изјави тој.
Сепак, според разговорите меѓу Јанкулоска и Ставрески кои ги објави СДСМ, може да се чуе дека вицепремиерот планира да ѝ биде сосед на поранешната министерка и прашува како да ги види становите во истата зграда без да биде забележан.
„ Е ај ја ако договориме нешто…како да се отиде до таму, а да не биде забележано? Тоа ми е, да не биде…“, вели Ставрески.
„Има како“, одговара Јанкулоска.
Во разговорот, таа раскажува како изгледат становите што ги поседуваат со нејзиниот сопруг во зградата на улицата „Димче Мирчев“.
„Вака беше Зоки. Едниот, едниот беше 89, ама нас ни требаше уште едно мало просторче за точаците. Пошто знаеш ние имаме проблем. Па земавме од другиот и го направивме 92, а другиот беше околу 70 остана, така некако мислам“, вели таа, а Ставрески одговара: „ Ооо, па вие сте се претерале бе“.
Во еден од разговорите што следуваа, Јанкулоска и сопругата на Ставрески пак, разговараат за мебелот во становите, опремувањето и за прозорците…
„А денеска колку што ѕирнав кога поминав, значи не влегов, немате вие паркет ставено…“, вели сопругата на Ставрески.
„Не знам ние не сме отишле би требало да стават…“, одговара Јанкулоска.
„По денеска обелоденетите докази веројатно станува појасно зошто големиот критичар на мегаломанството на Груевски, Зоран Ставрески, кој велеше дека државата нема за леб, а власта троши на чоколадо, уште е во Владата на Груевски. Кој знае уште колку чоколади тој самиот изел додека граѓаните немаат за леб и кој знае со уште што го држи Никола Груевски во неговата Влада“, изјави Шилегов.
Кој сѐ има станови на „Димче Мирчев“ бр. 20?
„Елитен станбено-деловен објект, во центарот на Скопје, под падините на Водно. Сместен во срцето на метрополата, овој капитален објект е проектиран за граѓаните кои сакаат урбано-мирен живот. Со прекрасен панорамски поглед на Скопје, Водно и Милениумскиот крст, опкружен со природните убавини на Водно, идеални за прошетки, рекреација и одмор. Во непосредна близина се МВР, градскиот плоштад, централната пешачка зона-улицата Македонија…“
Со оваа информација, инвеститорот на зградата на улицата „Димче Мирчев“, „Адора инжинеринг“, го промовира објектот на својата веб-страница. Сопственик на оваа градежна компанија е бизнисменот Ванчо Чифлиганец, чија ќерка Драгана, која исто така се спомнува во денешната објавена „бомба“, поседува стан во зградата.
За тоа како изгледа зградата и становите на улицата „Димче Мирчев“, може да се види од галеријата најдолу на страната.
Минатата година портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов објави дека во зградата на улица „Димче Мирчев“ број 20 по еден стан имаат и синовите на пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, Орце и Гоце кои заедно, според Шилегов, вределе околу 360.000 евра.
СДСМ го проблематизираше фактот што Бонева не ги пријавила двата стана во анкетниот лист за својот имот во Антикорупциската комисија, со оглед на тоа што веќе пријавила друг имот на синовите. Бонева се бранеше дека нема обврска да ги пријави становите на синовите оти тие не живеат со неа.
Освен за синовите на Бонева и за становите на Јанкулоска, СДСМ обелодени дека стан во истата зграда имала и мајката на генералниот секретар во Владата, Кирил Божиновски чиј глас исто така се појавуваше во објавените „бомби“. Шилегов тогаш објави дека станот има пазарна вредност од околу 120.000 евра.
Во новоизградениот станбен обејкт на „Димче Мирчев“ 20 стан купил и Иво Павлов, телохранител на премиерот Никола Груевски, како и советничка во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Слободанка Алексовска и Бојан Лепитков, сопругот на Соња Лепиткова која работи како државен секретар во Министерството за животна средина.
Опозицијата откри и дека стан во истата зграда, спроти седиштето на МВР има и мајката на директорот на Управата за финансиско разузнавање, Владимир Атанасов кој лани СДСМ го актуелизираше во аферата „Актор“.
Според Катастарот еден од становите во овој објект се во сопственост на компанијата „Трансмет“.
Ова е компанија каде што сопственик се јавува Сеад Кочан, лицето кое премиерот Никола Груевски во аудио снимките на опозицијата со ексдиректорот на ЕЛЕМ Влатко Чингоски го именува како „Сеат Ибица“ или „лицето што вози сеат“.