Шверцери на возраст од 18 до 60 години секојдневно товарат по десетина мигранти во автомобил и по многу повеќе во комби возило или камион за да ги пренесат од грчката до српската граница. Уапсените за овој криминал најчесто доаѓаат од пограничните региони, како Гевгелиско и Струмичко, потоа од Арачиново, Липковско, како и од селата меѓу Штип и Кочани. Тројца од вкупно 47-те приведени шверцери за две години, на пример, се од штипското село Калаузлија, кое има шеесетина жители.
Податоците од полициските дневни билтени покажуваат дека секој трет шверцер успевал да им избега на патролите што го бркале, обично исклучувајќи се од автопатот на некоја клучка меѓу Гевгелија и Неготино. Потоа тие ги оставаат мигрантите и бегаат пеш. Полицијата ги фатила возачите во 39 случаи, во изминативе две години, а 22 избегале. Дел биле откриени подоцна. Во 19 случаи немало шверцери, туку мигрантите биле откриени додека се движеле пеш.
Една главна и една алтернативна рута
Спроведувањето во прифатните центри и не е најлошиот крај на патот за мигрантите. На 30 август годинава, двајца Алжирци завршиле со тешки телесни повреди откако ги удрил воз во Смоквица. Претходно во јуни, долгиот пат од Шри Ланка и од Бангладеш кон Европа за двајца мигранти завршил кај Бучим, на патот Штип – Радовиш.
Шверцерот, превезувајќи 23 лица во камионот, излетал од патот, усмртувајќи двајца и повредувајќи уште 12 патници. Веднаш избегал од местото. Полицијата и итната помош ги нашле само патниците од Далечниот Исток покрај возилото, ги извлекле труповите и ги спасувале повредените.
Патот Штип – Радовиш е дел од т.н. алтернативна мигрантска рута низ Македонија, која почнува од граничниот премин Стар Дојран и се движи прво преку Валандово и Струмица, а од Штип продолжува низ Свети Николе, сѐ до Куманово и Табановце. Ова може да се види и од локациите на кои е откриено шверцување. Главната рута, секако, е автопатот од Богородица на грчката граница до Табановце на српската. Но, мигранти биле откривани од центарот на Скопје, сѐ до пробиштипското село Неокази.
Патроли на граничната полиција се движат до селата Прдејци, Миравци, Удово и други, во појас од четириесетина километри од граничната линија. Тие најчесто ги следат и ги ловат превозниците на мигранти. Но, голем број случаи се откриваат и од сообраќајни патроли. Ретко некој застанувал кога ќе видел полициска палка, ако во својот патнички автомобил имал натоварено уште десетина луѓе.
Првиот инстинкт на шверцерите им е да стигнат до најблиската клучка – Прдејци, Смоквица, Удово, Демир Капија, сѐ до Неготино, каде што ги оставале и автомобилите и мигрантите, и бегале пеш само со парите платени однапред.
Бркотници и пукотници
Некои биле доволно храбри за да се обидат, наместо тоа, да ги истоварат патниците и да продолжат да бегаат со автомобилите, но не им успевало. Полициската борба против шверцувањето луѓе понекогаш вклучува и драматични ситуации, како бркотницата низ тесните селски патишта меѓу струмичките села Попчево, Раборци и Водоча во ноември минатата година, кога возачот што превезувал мигранти успеал во движење да се префрли во друг автомобил и да избега, оставајќи го возилото со 10 мигранти да застане покрај патот. За среќа, никој не бил повреден.
И оружјето понекогаш се употребува. Пред две години, 21-годишен шверцер од Ваксинце бил погоден во рамото. На првата патарина од Велес кон Скопје го оставил својот автомобил со 10 мигранти внатре и тргнал во бегство. Полицијата, според објавеното соопштение, испукала еден предупредувачки куршум, кој го погодил бегалецот. Прво бил однесен во болница, а потоа во полиција.
За превоз од едната до другата граница се плаќа од 1.300 до 2.000 евра, според изјавите што пронајдените мигранти ѝ ги давале на полицијата. Граничната линија морале да ја преминат сами, за што главно се користеле две рути источно и западно од преминот Табановце.
Едната е кај селото Сопот, од каде што се оди кон Стрезовце на српската страна, а другата е меѓу Лојане и Миратовац. Таму најчесто се откривале групи мигранти што ноќе и без придружба се обидувале да го продолжат патот кон север, кои објаснувале дека шверцерите ги оставале кај местото Костурник, на стариот пат од Куманово кон Табановце. Тоа е последната станица, каде што полициските екипи понекогаш успеваат да ги фатат шверцерите, но тие почесто им бегаат.
Најмалку една третина од вкупниот број мигранти откриени и задржани на македонска територија се од Пакистан. Потоа следуваат Иран и Авганистан, а многу помалку има од Сирија, Ирак, Индија и од други држави. Меѓу другите, биле задржани и државјани на Шри Ланка, Сомалија, Либија, Алжир и други.
Во изминативе неколку месеци има зголемување на бројот на откриени случаи и задржани мигранти во однос на претходниот период. Во септември имало 14 случаи, во кои биле фатени 423 нелегални патници кон Европа. Во август биле задржани 61 патник, а во јули 103. Претходно биле регистрирани по три-четири случаи месечно, во кои биле откривани од 20 до 50 мигранти. Во јуни и во август 2017 година, не бил откриен ниту еден случај на шверцување.