Вистинска протестна забава на ниски температури се случуваше на денешниот студентски протест пред Владата, кога студентите третпат го кренаа гласот против државниот испит. Неколку илјади студенти, професори и нивни поддржувачи преку интересни креации, транспаренти, музика и говори кажаа децидно „не“ за оваа владина реформа.
„Најголемиот и најстариот универзитет нè поддржа, се надеваме дека ќе следат и другите. Не сме стока, туку сме свесни граѓани. Тука сме за доброто на сите. Ова е почеток на нешто многу поголемо. Почеток на надежта. Македонските граѓани веќе не се плашат“, изјавија студентите пред Владата.
На протестот се појавија и повеќе професори кои денеска формираа „Професорски пленум“ и застанаа зад своите студенти.
„Не ги делам студентите на ваши и наши. Нема посилна партија од професорската и студентската. Сигурно е дека без нас не можат да се прават реформи“, изјави професорката Гордана Сиљановска.
На сцената пред студентите застана претставничка од „Професорскиот пленум“ која им се заблагодари на студентите што не потклекнале пред стравот.
„Ви благодариме што не се уплашивте! Гледаме искра во вашите очи. Заедно сме и ќе ја истераме оваа работа докрај“, рече таа.
Ректорската управа на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ денеска побара одложување на измените на Законот за високо образование со кои се воведува државен испит. Барањето било потпишано од ректорот, проректорите и сите 23 декани и директори на институции што присуствувале на состанокот.
Дел од академската заедница во меѓувреме испрати писмо до Собранието со кое бараше учество на претставници на академската заедница и на Студентскиот пленум на седницата на Комисијата за образование, наука и спорт, кога ќе се одржи првото читање на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за високо образование што се одржа денеска во 10 часот.
Писмото беше потпишано од професорката Билјана Ванковска со поддршка од повеќе професори од различни универзитети.
„Иако имавме печат од архива и лично го поднесовме барањето, не добивме никаков повратен одговор“, изјави Ванковска за БИРН.
Гласот на студентите и професорите, сепак, не допре до собраниската комисија. Предлог-законот беше усвоен со 9 гласа „за“ и ниту еден против и тој оди на понатамошна процедура во Собрание.
Собраниската седница на која ќе се расправа за предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за високото образование е закажана два дена пред Новата година, на 29 декември.
Кон протестите организирани од „Студентскиот пленум“ денеска се приклучија „Сојузот на студенти Албанци“, „Меѓународното здружение за човекови права“ како и неколку синдикати. Кучето Борко, кое лаеше по полициските возила, и овојпат се најде меѓу толпата студенти.
Од галеријата подолу може да се види атмосферата од денешните протести и детали за тоа што предвидува државниот испит.