Регион

Силувањето на мажите во војна во БиХ сѐ уште е табу тема во оваа држава

Околу 3.000 мажи и момчиња биле силувани во војната во Босна и Херцеговина во 90-тите години, но поради босанската мачо традиција, нивната приказна останува нераскажана, се вели во извештајот на Институтот Вилијамс.

Пишува: Маја Гарача Ѓурѓевиќ, Бања Лука

Логото на проектот „Сите преживеани“. Фото: „Сите преживеани“

На сексуалното насилство, по војната во БиХ, се гледа од друг агол и иако од крајот на војната поминаа повеќе од две децении, разговорот за мажите, жртви на ова насилство, и натаму е табу-тема, се вели во публикацијата „Наследство и лекции“, на Институтот Вилијамс од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес.

„Сексуалното насилство врз мажите и момчињата, поврзани со конфликтот, останува едно од најмалку документираните и најнеадекватно обработените сериозни кршења на човековите права, од сите што досега се случиле“, се вели во публикација на Институтот, објавена во рамките на проектот „Сите преживеани“.

Како што е наведено во текстот, во војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година, биле силувани околу 3.000 мажи и момчиња.

Непријавувањето на овие злосторства и нивното негирање, ги спречуваат мажите и момчињата да бараат правда за страдањето што го преживеале, се вели во публикацијата.

Стигмата и срамот се главните пречки поради кои се премолчува она што навистина се случило, но, во исто време, ниту БиХ има соодветна законска регулатива за регулирање на ова прашање.

„Информациите собрани во раките на проектот „Сите преживеани“, укажуваат дека не постои специфична обука која ќе ѝ помогне на полицијата да го идентификува и да спроведе истрага за сексуалното насилство“, нагласува Институтот.

„Судиите, стручните соработници и другите официјални претставници на судот, немаат разбирање и чувствителност кон жртвите на сексуално насилство, но не постојат ниту процедури со кои ќе се обезбеди заштита на приватноста и доверливоста на жртвите во сите фази, што значи и во текот на судските расправи“.

Дополнителна тешкотија претставува и немањето на прецизна база на податоци на лицата кои преживеале сексуално насилство.

„Повеќето документирани случаи се случиле во притвор, често во логори, каде што цивилите биле притворени во ужасни услови, иако сексуалното насилство врз мажите било и во друг контекст, вршено и за време на грабежи, и за време на испитувања кои се вршеле во домашни услови“, се нагласува во публикацијата.

Се додава дека Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) придонел за напредокот, класификувајќи го силувањето како чин на кршење на законите и обичаите на војување и како злосторство против човештвото, но и појаснувајќи го законот кој се однесува на сексуалното насилство поврзано со конфликтот.

„Во 10 од 78 судски предмети, што се водеа пред Хашкиот трибунал, се истакнува сексуалното насилство врз мажите, што носи признание дека одредени активности над мажите претставуваат меѓународно злосторство, вклучувајќи и присилен орален секс, друг вид на присилни сексуални акти, сакатење на гениталиите, поблаги форми на повреди на гениталиите и закани за сексуално осакатување“, стои во публикацијата.

Сепак, се нагласува дека и покрај позитивниот придонес на МКТЈ, и натаму постои загриженост дека злосторствата од сексуална природа против мажите и момчињата не се целосно признаени.