Регион

Симонс: Мисијата на ЕУЛЕКС на Косово „не успеа“

Сведочењето на Малком Симонс преку видеоврска. Фото: Собрание на Косово/Скриншот.

Малком Симонс, поранешен главен судија на Мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС),пред парламентарниот Одбор за законодавство истакна дека ЕУЛЕКС им дал предност на судењата на истакнати воени личности, иако имал малку докази, и дека не успеал да ги заштити сведоците и да понуди правда.

„Мисијата не успеа“, им рече денеска Симонс на пратениците преку видеоврска, нагласувајќи дека тој „се срами што бил дел“ од ЕУЛЕКС, најголемата цивилна мисија на европскиот блок, која распоредуваше судии и полицајци, за да ги надгледуваат судските и полициските активности на Косово.

Симонс првпат изнесе обвиненија против ЕУЛЕКС откако поднесе оставка како судија во 2017 година. Мисијата на ЕУ тогаш откри дека самиот Симонс е предмет на неколку истраги за наводни незаконски дејствија.

Симонс посочи дека Мисијата на ЕУ е повеќе „политичка“ отколку Мисија за владеење на правото и дека ЕУЛЕКС вршел притисок на него, да назначува судии кои не биле склони кон ослободителни пресуди, затоа што „успехот на мисијата се мерел според бројот на осудителни пресуди“.

Како примери тој наведе два големи случаи на воени злосторства – случајот Дреница, во кој десет поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК) беа прогласени за виновни и случајот Клечка, во кој поранешниот член на ОВК и повоен политичар, Фатмир Лимај и девет други осомничени лица, беа ослободени од вината.

Според Симонс, „имало голем притисок во случајот Дреница да се изречат казни“ со цел ЕУЛЕКС да ѝ покаже на Србија дека ги санкционира косовските Албанци, осомничени за воени злосторства.

Симонс додаде дека случајот Клечка, на секое друго место, бил бил сметан за „шега“, поради „слабите докази“.

Причината за овие големи судења, кои чинеа милиони евра, како што рече тој, беше намерата да се отстранат од политичката сцена луѓето кои се сметаа за пречка на дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, што се води со посредство на ЕУ.

Тој додаде дека ЕУЛЕКС не ги заштитил сведоците, затоа што не ги зголемил заштитните мерки откако еден заштитен сведок починал.

ЕУЛЕКС ги отфрли тврдењата на Симонс и објасни дека тој „не е среќен поради судските постапки што се водат против него“.

„Денешната изјава на Малком Симонс во Собранието (на Косово) е збирка на лошо замислени и неосновани шпекулации, невистини и лични мислења“, истакнаа за БИРН од канцеларијата за односи со јавност на ЕУЛЕКС.

Тие посочуваат дека неговите тврдења за случајот Клечка се „контрадикторни на реалноста“, затоа што „судскиот совет, со кој претседавал Симонс, ги ослободил обвинетите“.

Како главен судија, велат од ЕУЛЕКС, Симонс можел да го затвори случајот ако сметал дека нема доволно докази за да се одржи судење.

Тие додаваат дека Уставниот суд на Косово „ја одбил последната жалба во случајот за воени злосторства Дреница 2, потврдувајќи пет пресуди. Ова ги побива сите обвинувања за пристрасност на првостепениот судски совет“.

ЕУЛЕКС, исто така, ги отфрла обвинувањата на Симонс дека потфрлиле кога станува збор за заштитата на сведоците.

„Мерки за заштита на сведоците беа пружени во согласност со косовскиот закон, на сведоците кои истапија со докази и за кои со сигурност се докажа дека се сериозно загрозени, откако ги исполнија строгите критериуми за избор“, велат од ЕУЛЕКС.

Симонс денеска им образложи на пратениците дека тој бил „принуден да истапи во јавноста“ затоа што бил „изложен како укажувач“ и дека од 2013 година постојано ги информирал британската амбасада во Приштина и неговите претпоставени во ЕУЛЕКС, за наводните незаконитости.

Сепак, од ЕУЛЕКС за БИРН истакнуваат дека тој „официјално ги поднел  наводите за незаконитости поврзани со вработените во ЕУЛЕКС и ЕЕАС (Европска служба за надворешно дејствување) дури на 2 септември 2017 година, односно откако против него биле покренати неколку дисциплински постапки за наводни повреди на законот, почнувајќи од октомври 2016“. Од ЕУЛЕКС нагласуваат дека Симонс побарал заштита како укажувач дури после септември 2017.

Симонс пред косовските пратеници нагласи дека, бидејќи тој го потпишал британскиот Акт за службени тајни, со кој им се забранува на официјалните лица да објавуваат доверливи информации, постојат информации што тој не може да ги даде, но оти ќе биде подготвен да му даде докази на Собранието на Косово, доколку тоа започне официјална истрага.