Обвинителство на БиХ се подготвува во случајот ‘референдум’ да сослуша сведоци кои имаат помали функции, а експертите веруваат дека на институциите на државата ќе им претставува потешкотија да ги повикаат на одговорност високите функционери на босанскиот ентитет, Република Српска, РС, во врска со неодамнешното одржување на забранетиот референдум.
Пишува: Еленор Роуз
Правните експерти се сомневаат дека судовите на државно ниво во БиХ ќе имаат сила да го расчистат случајот против лидерите на РС, во врска со незаконски одржаниот референдум за Денот на РС.
Милан Петковиќ, адвокат од Бања Лука, во понеделник треба да се појави пред државните обвинители.
Петковиќ за БИРН потврди дека обвинителите го повикале на сослушување во Сараево, како осомничено лице во кривичната истрага што се води против претседателот на РС, Милорад Додик, заради неизвршување на одлуката на Уставниот суд на БиХ за забрана на референдумот.
Властите на РС, вклучително и Народното собрание на Република Српска (НСРС) и Комисијата за спроведување на референдумот, не ја испочитуваа одлуката на Уставниот суд на БиХ, за запирање на референдумот за Денот на РС на 25 септември.
Петковиќ се БИРН преку електронска пошта одговори: „Претпоставувам дека ме повикаа, бидејќи бев вклучен во работата на Комисијата за спроведување на референдумот“.
Тој нагласува дека е сигурен оти кривично не е одговорен, потенцирајќи дека бил именуван во Комисијата како непартиски член, кој ќе помогне во донесување на одлуките „во врска со организацијата и спроведувањето на референдумот“.
Петковиќ додава: „Не се чувствувам виновен, и мислам дека Комисијата, како техничко тело, нема овластувања да ги спроведува одлуките на (Уставниот) судот, а со тоа и не е одговорен за неизвршување на било која одлука“.
Додик, наводно, два пати бил повикан на сослушување во Обвинителството на БиХ, но одговорил дека нема да се „понижува“ за да прави „спектакли“ и да оди на сослушување во Сараево, каде што не се чувствуваат безбедно.
Тој предложи да биде сослушан во РС.
Експертите по меѓународно право сметаат дека со сослушувањето на нископозиционирани осомничени лица и сведоци, обвинителството одговара на барањата за расчистување на случајот, но оти ќе се соочи со сериозни проблеми ако се обиде да ги повика на одговорност клучните актери во случај „референдум“.
Бодо Вебер, аналитичар за Балканот, специјализиран за владеење на правото, изјави дека обвинителството ослабува уште од 2009 година, кога е донесена одлука да не се продолжи мандатот на меѓународните обвинители, во предметите од организиран криминал и корупција во БиХ.
Оттогаш, одлуките на Уставниот суд на БиХ во повеќе наврати беа игнорирани, изјави Вебер, кој верува дека главниот обвинител Горан Салиховиќ – сега суспендиран поради истрага што се води против него – делувал дури сега, бидејќи оспорувањето на надлежностите на Судот на БиХ станало толко очигледно и јавно.
„Сега имаме државно обвинителство кое постапува по ова прашање во средина во која, речиси десет години, било научено да не дејствува во многу чувствителни случаи“, вели Вебер.
Тој нагласува дека во овој случај ќе се појават бројни комплексни правни прашања, како што е прашањето, како да се избере кој ќе биде обвинет, ако воопшто има некој таков.
„Дури и ако бидат обвинети некои лица на висока позиција, следното прашање би било, дали СИПА (Државната агенција за истраги и заштита на БиХ) би ги уапсила?“, праша тој.
Потсети дека во декември минатата година, МУП РС нагло ја прекинал соработката со полицијата и судовите на државно ниво.
Вебер прашува како државниот обвинител може да продолжи со случајот, кога меѓународната заедница понудила поддршка „само со зборови“.
„Видовме дека поддршката на Запад опаѓа (во последниве години),“ вели тој. „Обвинителството е апсолутна парадигма на оваа ситуација“.
Зарије Сеизовиќ, професор по меѓународно право на Факултетот за политички науки во Сараево, вели дека обвинителството ќе можат ефикасно да го води овој случај, само доколку има целосна меѓународна поддршка.
„Случајот нема да успее во отсуство на притисоци од меѓународната заедница … или ако нема политички договор со посредство на меѓународната заедница“, вели Сеизовиќ во писмениот одговор со БИРН.
На прашањето дали државно обвинителство е доволно силно, за да може ефикасно да го води случајот, тој одговара: „Не е доволно“.
Од Обвинителството на БиХ, на прашање на БИРН за денешното сослушување, одговорија: „Ние и во наредниот период ќе водиме истрага за овој случај и ќе сослушуваме осомничени. Не сме во позиција да објавуваме детали за некои работи“.