Анализи

Случајот „Азманов“ беше предупредување за „Рекет“

Пред очи на целата јавност се одигра епизода слична на аферата „Рекет“

Конфликтот меѓу Бојан Јовановски – Боки и бизнисменот Зоран Азманов, што во јануари го проследивме на малите екрани, веројатно беше предупредување за аферата „Рекет“ чии воведни чинови се одигрувале токму во истиот период.

Азманов денеска беше во обвинителството како сведок, несомнено поради јануарската расправија со Боки.

Ако како на филмска лента се вратат случувањата од крајот на минатата година па сѐ до април кога се случи фамозната прослава на телевизијата 1ТВ на Бојан Јовановски, се добива впечатокот дека пред очи на целата јавност се одиграла епизода слична на аферата „Рекет“.

Јовановски се појави на интервју на неговата телевизија 1ТВ на 7 јануари 2019.

Таму меѓу другото популарниот Боки 13 најави дека за годишнината на телевизијата, која е во април, ќе ги награди најсреќните гледачи. Вети дека телевизијата ќе додели „три автомобили и стан во центарот на Скопје од 70 до 80 квадрати“.

„Ќе има и друг тип и фонд на награди“, дополни тогаш Боки самоуверено.

Само две недели подоцна, на 21 јануари, бизнисменот и градежник Зоран Азманов го обвини Бојан Јовановски дека во телефонски разговор му побарал стан или 50.000 евра „за да нема проблеми“.

„Првиот телефонски повик кој го „обавив“ со Бојан беше во среда, по кој ми најави дека ќе ме побара за два дена. Во петокот се слушнавме, како што ми најави и ми кажа дека целата таа работа може да се среди за 50.000 евра или за стан. Рекетирањето е пријавено во МВР“, појасни тогаш Азманов.

Роденденот на 1ТВ се случи и помина, стан и автомобили никој не доби.

Инсерт од емисијата „Македонски инсајдер

Дополнително, крајот на минатата и првиот дел од оваа година е периодот во којшто на неколку наврати 1ТВ го најавуваше и одложуваше стартот на емисијата „Македонски инсајдер“, чиј прв и единствен „клиент“ беше Азманов.

Овој медиумски проект 1ТВ го промовираше крајно невообичаено, затоа што ако обично новинарската екипа е позната на јавноста, а не се открива што таа истражува, со „Македонски инсајдер“ беше сосема обратно.

Непознат тим најавуваше дека истражува чувствителни теми поврзани со јавни личности и тоа неколку пати дневно се промовираше на програмата на 1ТВ.

Наспроти негативните реакции на дел од новинарската фела, телевизија 1ТВ цврсто застана зад Бојан Јовановски со образложение дека врз тимот на „Македонски инсајдер“ Азманов врши притисоци за да не се објават информации за неговото работење.

Емисијата за Зоран Азманов беше најавена како Досие бр.3, меѓутоа по расправијата со Боки таа епизода се емитуваше прва на 17 февруари, а подоцна излезе дека е и последна емисија.

Тоа отприлика е времето кога според предистрагата на обвинителката Вилма Русковска и сведочењата и видеата, што протекоа во јавноста, Боки 13 изнудувал милионски суми од бизнисменот Орце Камчев.

Иако сето ова се одигруваше пред очите на целата јавност тоа не беше пречка неколку месеци подоцна на прославата на 1ТВ, целиот државен врв, скоро сите министри без премиерот, кој се јави со видео порака, па сѐ до обвинителката што го води сега случајот „Рекет“, Вилма Русковска да присуствуваат на прославата на првиот и веројатно последен роденден на 1ТВ.