Истражувањa

Сочни офшор-детали протекоа од „Империја“

Надмудрувањата меѓу Врховен суд и СЈО резултираа со информации за „Империја“

Зад сувопарната правна терминологија и зад иницијалите испразнети од човечки лик, Врховниот суд, завчера, случајно или не, „нацрта“ дел од скицата на бизнис-мрежата што Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ја истражува и со месеци љубоморно ја чува од јавноста под кодното име „Империја“.

Всушност, СЈО се обидело со чувствителни информации да го убеди судот дека осомничените треба да останат во домашен притвор. Врховен не го послушало обвинителството и ги објави „сочните детали“, како составен дел од решенијата со кои бизнисмените Јордан Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ ќе се бранат од слобода.

Иако имињата и компаниите се наведени само со иницијали, од објавените документи, за првпат се дознава дека, според СЈО, токму Ненад Јосифовиќ е вистинскиот газда на фирмата од Белизе, „Сирах лимитед“.

„Сирах лимитед“ е позната како компанијата што го поседува плацот на Водно од 11.000 квадрати, за кој СДСМ во 2015 година обвинуваше дека му припаѓа на експремиерот Никола Груевски. Социјалдемократите го темелеа овој сомнеж врз фактот дека неколку години како управител на скопската „Сирах“ беше Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.

Денес, сопственик на огромната парцела е истата компанија, но под друго име, сега се вика „Лајф кеар сентар“, а нејзини газди се фирми на семејството Камчеви.

Егзотичното Белизе стана синоним за зделките на бизнис-групацијата блиска до ВМРО-ДПМНЕ, во чиј епицентар пулсираше другарството меѓу поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, и бизнисменот Јордан Камчев.

Во меѓувреме, се потрошија тони хартија и часови новинарски истражувања, кои секогаш упатуваа, но никогаш до крај не потврдија дека фирмите што доаѓаат од далечното Белизе и инвестираат во државава се поврзани со овој двоец, односно со нивните луѓе од доверба.

Потрагата по вистинските сопственици на овие офшор-фирми, како по правило, неуспешно завршуваше во Гуглмапс-фотографијата од трошна зграда што одвај се издига од правливата улица Мајлс нортен хајвеј во сиромашниот Белизе Сити, близу границата со Мексико.

Фирмите од Белизе и нивните непознати сопственици непречено инвестираа во државава, купуваа парцели, градеа хотели и згради, една цела спортска сала, влегуваа во сопствеништвото на големи корпорации, најдоа бизнис-интерес во медиумите, па дури и во малите хидроцентрали.

За една деценија добивме преплетена мрежа на офшор-фирми и интереси, која е речиси невозможно да се долови на цртеж, а уште потешко со едноставни зборови и бројки.

Полноќни дојави за претрес

Се очекува и Мијалков да излезе од домашен притвор | Фото: Роберт Атанасовски

Овие документи ни ги откриваат и информациите на СЈО дека осомничените во очи претресот сокриле можни докази и оти веќе влијаеле врз истрагата, а ги нотираат и стравовите на обвинителството дека Камчев, Панделески и Јосифовиќ ќе продолжат да го прават истото доколку се на слобода.

Како илустрација на тоа, во решенијата е раскажано што се случувало во петокот на 9 ноември 2018 година, во раните утрински часови, пред да бидат приведени Камчев, Панделески и Јосифовиќ.

Лицето со иницијали С.М., во 3 часот и 25 минути по полноќ му дојавило на Ненад Јосифовиќ дека ќе се врши претрес во неговиот и во домот на Камчев. Нејасно е, но сѐ упатува на тоа дека зад овие иницијали се крие името на поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.

Откако Јосифовиќ бил предупреден, тој заминал во објектот на Орка холдинг и по отприлика еден час се вратил дома за да ги чека полицајците. Подоцна е утврдено дека ги сокрил предметите од домашниот сеф и мобилниот преку кој всушност му била утврдена полноќната рута. Според сознанијата на СЈО, слично постапил и Јордан Камчев, кој сокрил докази.

СЈО тврди дека, освен овие двајца, и Цветан Панделески влијаел врз истражните постапки.

„Во текот на предистрагата, обвинетиот веќе остварил влијание на дел од сведоците, посебно на тие што се јавуваат како фиктивни управители на правни лица под контрола на Групата, во која обвинетиот има улога на еден од организаторите, заедно со Ј.К., С.М. и Н.Ј.“, пренесено е во решението на Врховниот суд.

Специјалното обвинителство предупредува дека течат вештачења и се планираат нови, а преостануваат да се сослушаат уште 20 сведоци и оти тројцата што сега се ослободуваат би можеле да влијаат врз вештаците, сведоците и врз другите соучесници.

Документите што ги објави Врховниот суд откриваат и дека тимот на Катица Јанева се плаши осомничените да не избегаат или да не се сокријат. Тоа за нив не би требало да биде проблем, аргументира СЈО.

Камчев, на пример, имал фирми и недвижен имот во странство, вклучително и бугарско државјанство. Од многубројните иницијали по документите може да се заклучи дека овој бизнисмен има фирми во неколку соседни земји, како и во Руската Федерација, во градот Ростов на Дон, од каде што потекнува неговиот пријател и бизнисмен Сергеј Самсоненко.

„Основан е стравот дека обвинетиот може да се даде во бегство и да се крие, и со тоа да ја попречува кривичната постапка, особено што е добро ситуиран“, предупредува СЈО.

Без разлика на сето ова, Врховниот суд на чело со Јово Вангеловски одлучи да ги пушти на слобода осомничените Камчев, Јосифовиќ и Цветан Панделески, а се очекува исто да постапи и во случајот со Сашо Мијалков.

Неодамна БИРН пишуваше дека конкретна корист од контроверзното правно мислење на Врховниот суд најбргу ќе имаат токму осомничените во истрагата на СЈО, „Империја“.

Овој начелен став на судот, кој се толкуваше како политички чин на премолчена амнестија, ја доведува и во прашање целата истрага, бидејќи, според него, СЈО не е овластен тужител во овој случај.

Се очекува оваа пречка да се надмине со новиот Закон за СЈО, кој деновиве ќе пристигне во Собранието, меѓутоа според првичните анализи за оваа истрага тимот на Јанева нема да може да ги користи нелегално прислушуваните разговори како доказ.