Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦРП) со седиште во Будимпешта нотира случај на сомнителна смрт на младо момче со Ромска припадност во затворот во Штип.
На 22 март годинава, 25-годишниот Ердал Јусинов починал во затворот како последица од лишување на навремен медицински третман, информираат од ЕЦРП.
Јусинов бил татко на две малолетни деца, а бил осуден на една година затвор поради извршена кражба.
„Според сведочењата, здравствената состојба на починатиот неколку недели пред неговата смрт била одлична и истот не бил под подложен на посебен медицински третман, ниту пак имал потреба од посебна медицинска грижа во деновите пред неговата смрт“, стои во соопштението на ЕЦРП.
До нив стигнале информации за обвиненија од страна на најблиските роднини и пријатели на Јусинов, како и од страна на извори од самиот затвор во Штип дека починатиот бил малтретиран од страна на затворските чувари и лекарите непосредно пред неговата смрт. Истиот, наводно, не добива доволно храна бидејќи затворските чувари ја одземале од него.
„Ден пред неговата смрт Јусинов се пожалил на затворскиот лекар на болки во главата и забоболка. Лекарот, наводно, го наклеветил Јусинов за лажирање на неговата здравствена состојба, и во истата прилика го навредил нарекувајќи го “копиле” и “циган”, по што истиот одбил да го лекува“, се вели во извештајот.
Сепак, очевидците кои биле контактирани од ЕЦРП одбиле да сведочат поради страв од одмазда и последици по нивниот живот.
ЕЦРП потсетува и на неодамнешниот трагичен настан во скопскиот затвор Идризово на 11 март, во кој животот го изгуби 21- годишниот Ром, Андриас Реџепов.
„Се повеќе и повеќе станува очигледно дека согласно македонските затворски власти животите на Ромите вредат помалку од оние на не-Ромите. Одбивам да дозволам смртта на Јусинов Ердал да биде претставена единствено како уште еден “несреќен случај” во статистиката на пропусти во македонскиот затворскиот систем. Исто така, одбивам смртта на младиот Реџепов која се случи минатиот месец да биде само уште еден пример на трагичен настан кој не можел да биде навремено спречен”, изјави претседателот на ЕЦПР, Ѓорѓе Јовановиќ.
ЕЦПР инсистира сите надлежни државни органи и институции темелно да го испитаат случајот и официјално да се произнесат во однос на објективните причини за смртта на младото момче. Во меѓувреме, обезбедена е правна поддршка на семејството Јусинови и ЕЦРП врши мониторинг на случајот преку свои теренски работници.